Маричиќ ветува: Ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници

by Fokus

Министерството за правда веќе почна постапка за изготвување на нов Кривичен законик, во кој ќе бидат вметнати кривичните дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници. Ова денеска го истакна министерот за правда, Бојан Маричиќ во обраќањето на вебинарот „Изменување и дополнување на Кривичниот законик на Северна Македонија: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“.

За составување на квалитетен текст на законот, тој додаде дека како Министерство одржале состанок со претставниците на новинарска фела и новинарските здруженија, вклучително и ЗНМ и синдикатот.

-Нивните предлози секако се добредојдени, бидејќи само преку отворен дијалог токму со новинарите, ќе можеме да донесеме нов закон кој дополнително ќе ги заштити слободно да си ја извршуваат одговорната работа, а сите оние кои ќе се обидат да ги заплашуваат или пак физички или вербално да нападнат новинари, односно медиумски работници, ригорозно да се казнуваат, потенцираше Маричиќ.

Појасни дека во однос на заштитата на новинарите, работната група за Кривичниот законик предложени се измени во одредени кривични дела oд потежок облик, секако доколку делото е сторено против новинар. Казните во иднина, според Маричиќ, треба да бидат уште построги.

-Сакам уште еднаш јавно да ги повикам новинарите, претставени преку нивните синдикати и здруженија да ги продолжиме разговорите со цел да се донесат што поквалитетни закони кои ќе ја гарантираат нивната безбедност и слободна работа, рече министерот.

Поврзани новости