Маричиќ контра Лога: Сега не е време за албанскиот јазик во Уставот

by Fokus

Процесот на уставни измени ќе започне пред летото. Очекуваме да биде успешен, а изборите ќе бидат во редовен термин, средина на наредната година, изјави денска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Министерот за правда, Кренар Лога, вчера изјави дека покрај вметнување на Бугарите во Уставот можеби е време да се отворат и други прашања, како што е прашањето формулацијата „јазик што го зборуваат 20 отсто од населението“, да се замени со формулацијата албански јазик, што би значело вметнување на албанскиот јазик во Уставот. Маричиќ рече дека не е време за тоа.

Тој не верува дека министерот сака да наметне нешто, бидејќи со него разговарал на оваа тема, туку смета дека е логично кога се отвора прашањето за уставни измени, да се отворат сите теми коишто потенцијално би биле дискутирани за уставните измени.

-Лично сметам, а мислам дека тоа е став и на Владата, иако не сме разговарале, дека е логично да се фокусираме на оние обврски коишто произлегуваат од преговарачката рамка. Така имаме најдобри шанси за успех и најдобри шанси да успееме во разумен рок оваа година да ги завршиме уставните измени. Секое дополнително прашање е вредно за разгледување, но не верувам дека сега е вистинското време за тоа зашто ќе земе и повеќе време и повеќе енергија, и ќе го комплицира процесот – вели Маричиќ оставајќи простор за сите прашања да се разговара по завршувањето на овој циклус на уставни измени.

Поврзани новости