Маричиќ: Гледаме дека нема недопирливи, но да не се изрекуваат пресуди преку медиуми

by Фокус

Она што сега е различно од претходно е што се градат и на дело функционираат механизми што ја санкционираат корупцијата кај нас или имаат начини таа да се санкционира, вели министерот за правда Бојан Маричиќ.

-Фактот што имаме процеси против крупни функционери, директори, поранешен генерален секретар на Владата, кажува дека никој не е недопирлив и не е над законот и оти законот важи еднакво за сите – изјави вечерва Маричиќ во интервју на МРТВ.

Според него, тоа е важна порака од институциите кон граѓаните затоа што, вели тој, не може да постои јавна доверба во правосудството и во обвинителството доколку законот не важи еднакво за сите.

-Имавме многу години дискусија околу тоа дека кај нас одговараат само луѓе кои краделе салати или ќебапи, меѓутоа денес гледаме на дело дека правдата функционира за секого – рече министерот.

Колку е важно законот да важи еднакво за сите и да нема недопирливи, порача тој, исто толку е важно да се почитува и презумпцијата на невиност.

-Не е добро да се одвиваат судења и да се даваат пресуди кој е виновен, кој не е виновен преку медиумите, не е добро тоа да се прави на социјалните мрежи, не е добро да се прави ни на партиски прес-конференции – посочи министерот за правда.

Поврзани новости