Маричиќ: Ако има желба, процентот за независните не е невозможен

by fokus

Измените на Изборниот закон денеска или најдоцна до утре на предлог на група пратеници треба да влезат во собраниска процедура, а министерот за правда Бојан Маричиќ очекува тие да бидат донесени до крајот на месецот, пред летната пауза на Собранието.

Освен препораките на ОБСЕ/ОДИХР, тие содржат и компромисен предлог за начинот на спроведување на престојните локални избори, кои според најавите и на власта и на опозицијата, треба да се одржат на 17 октомври. Отворените листи се дел од компромисниот предлог, како и прагот од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но според Маричиќ, ова е добар предлог и постои можност да претрпи измени во собраниската процедура.

Моделот е компромисен и тоа, како што рече Маричиќ, не значи дека сите до еден се согласиле. Некои партии сакале да ги врзат отворените листи со изборниот модел за парламентарните избори, но тоа не наишло на согласност и расположение кај останатите.

Предлогот во текот на процедурата може да претрпи измени преку амандмански интервенции или пак може и да не биде усвоен, бидејќи како што нагласи Маричиќ, тоа зависи од волјата на мнозинството пратеници.

Сепак, тој не очекува блокади на измените, бидејќи како што изјави денеска по брифингот со новинарите, најголемиот дел од законските измени се однесуваат на имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР што треба да го подобрат изборниот процес и што е во интерес на сите политички партии. Министерот додаде дека би било преседан првпат да одиме на избори без усвоени најголем дел или дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

– Очекувам дијалог, очекувам дебата и очекувам да се изгласа законот или во оваа форма што би било најдобро или во изменета форма согласно волјата на пратениците, нагласи Маричиќ.

За предложениот изборен модел појасни дека она што како компромисен предлог било утврдено е да има отворени листи со една преференција на еден советник покрај заокружување на партијата, коалицијата или листата, односно граѓанинот да има можност да заокружи и еден број пред името на советникот којшто го преферира.

– Оние советници коишто ќе добијат повеќе од три проценти од запишаните гласачи во таа конкретна општина би влегле преференцијално први, а останатите советници, останатите освоени места на партијата, коалицијата или листата ќе бидат пополнети според редоследот на предложените кандидатски листи како и досега. Доколку граѓаните немаат желба да гласаат преференцијално за еден советник, нивниот глас ќе се смета само за партијата, коалицијата или листата и на тој начин и ќе се распределуваат потоа мандатите. Исто така, ако некој граѓанин заокружи повеќе од една преференција гласот ќе се смета само за партијата. Тоа е суштината на моделот. Суштината е да се овозможи покрај за партија или коалиција од партии да можат граѓаните да гласат и за личности и би било идеално доколку го направиме тоа, рече Маричиќ.

Во однос на прагот од два отсто за независните кандидати, истакна дека врз основа на разговорите со политичките партии се дошло до овој процент и тој смета дека тоа е компромисен предлог којшто треба да помине така во Собранието.

– Не мислам дека се блокира чија било иницијатива, бидејќи прво знаеме дека имаме регистрирано и многу политички партии коишто имаат право без никакви потписи да кандидираат свои листи. Независните кандидатури можат да се остварат, тоа не се недостижни бројки во многу општини. Меѓутоа, тоа ќе зависи и од иницијативноста и од желбата на граѓаните да поддржат независни листи, така што мислам таму каде што има навистина желба не се недостижни бројките и можат да се достигне прагот од два проценти, рече Маричиќ.

Министерот за правда верува дека измените ќе бидат донесени, во спротивно ќе се гласа како и досега, но напомена дека не би било добро да се осуети идејата за отворени листи.

– Мислам дека е позитивен исчекор и дека треба да се поддржи моделот за отворени листи без разлика што можеби не е идеален или има свои недостатоци, но треба навистина на овие локални избори да се даде таа можност. Доколку се согледаат определени недостатоци може секогаш моделот да се промени, но ние никогаш не сме имале отворени листи за да знаеме кој модел функционира, кој модел не функционира. Предложивме еден модел којшто ја одразува компромисната волја на партиите и мислам дека е добро да се усвои, нагласи министерот за правда.

Поврзани новости