Марга Сотировска: Девојката-сонце

by Фокус 13:50
13:50

Едноставна, со широка близначка насмевка која како сонце зрачи на нејзиното лице. Позитивната енергија од неа лесно се пренесува низ нејзината музика. Тоа е јазикот на кој таа зборува со себе, со публиката, со соработниците.

- Advertising -

Нејзината музика се наоѓа на повеќе од 600 компилации. Во нејзиното музичко портфолио има вкупно осум албуми досега. Марга има успешна соработка со над 100 издавачи, вклучувајќи ги имиња како „Сони мјузик”, „Министри оф саунд”, „Јунивержал мјузик, „Аврил(Буда бар)”, „Алуминиум рекордс”, „Кармалофт Ибица”, „Биг сити битс”, „Турум” поддржано од Роџер Санчез

Сончевото попладне го минавме со Марга Сол во Скопје Сити Мол. Местото каде пред недела дена се дружеше со својата публика на настанот со кој и Македонија се вклучи во одбележувањето на меѓународниот ден на џез музиката.

Стартната позиција и овојпат ни беше кафулето Плеј. ФОКУС Македонија скоро секоја година во мај се храни со предвидувањата дека ќе победиме на Евровизија. Не ве предизвикал овој фестивал? Не посакавте својот вокал измешан со тоновите на вашите мелодии да се слушне на таа сцена?

МАРГА СОЛ Секогаш имам идеја, но немам мотив. Не сакам да се плеткам каде што има политички игри, местенки… Можеби би застанала како продуцент и композитор на песна која би ја изведувал некој друг, но јас никогаш не би настапувала како вокал. Искрено, не се гледам воопшто како пејач. Јас ги пеам  моите песни,  но тоа е поради фактот што така најлесно можам да ја пренесам мојата емоција. Доколку најдам соодветна личност или вокал, секако на повеќето песни би го отстапила вокалното место! Мене ми е важна целата музика, како комплетен пакет, ништо поединечно.

ФОКУС Како реагира публиката низ светот кога слуша ваши песни, ама на македонски?

МАРГА СОЛ Изненадувачки, многу позитивно. Мојата песна „Дали Сонувам“ која во етерот со видео спот се појави уште во 2003-та сѐ уште е во 10-те најпродавани и најремиксувани мои песни, иако имам издадено преку 200 песни. Дури и почнаа да бараат грчки и германски продуценти да ги пеам на нивни песни на македонски јазик… Го опишуваат како нежен, јапонски јазик, со шпански акцент и лесна певливост! 🙂

Додека ја слушате музиката на Марга Сол, имате впечаток дека ви се буди мирот. Можеби поради оваа причина, познавачите и дегустаторите на нејзината музика ја етикетираат како музика за душа.

ФОКУС Вашата музика  го обои документарецот “Wonderful Macedonia”, монографијата за убавините на Македонија. Дали ова може да се разгледа како предизвик за создавање на филмска музика? Имате ли такви понуди?

МАРГА СОЛ Создавање музика за документарци, реклами, филмови ми е животен сон. Кога Иво Јанковски ми ја презентираше идејата, јас веднаш без размислување прифатив, прво затоа што знаев колку ќе уживам во креирањето, второ се работи за нашата убава земја и ова дело ќе остане врзано со моето име, и трето… искуство! Искуство поради кое јас сум побогата, поисполнета, поподготвена за следен проект. Тукушто завршив со проект – музика за македонски краткометражен хорор филм на една од студентките на нашата филмска академија… Секој ваков проект е радост за мене.

ФОКУС Вашата музика е фина разгледница за Македонија. Во вашиот последен спот можат да се видат неколку убави места од Македонија кои во пакет со вашата музика се одлична можност за промоција на нашата земја.  Дали Министерството за култура  пројави интерес да ја подржи на било каков начин вашата мисија?

МАРГА СОЛ Јас се обратив до Министерството за култура, но мојот проект не беше поддржан, освен за монографијата „Wonderful Macedonia”.  Би сакала да почувствувам таква поддршка во блиска иднина!

ФОКУС Ако повлечеме една линија по осумте ваши албуми, какви се впечатоците, реакцијата? Како публиката и  медиумите ве доживеале? Дали Марга Сол е бренд кој надвор од Македонија се препознава повеќе отколку на домашен терен?

МАРГА СОЛ Дефинитивно Марга Сол е бренд кој надвор од Македонија многу повеќе се препознава и почитува, но и многу сум радосна што имам следбеници кои ја почитуваат мојата музика токму од тука, Македонија. Нашите медиуми сѐ повеќе ме поддржуваат, промовираат, а слушателите прифаќаат. Ние сме народ кој се плаши од промени, од новитети, од нешто непознато и несекојдневно. Народ кој оди секогаш по линија на помал отпор – што си е сигурно, сигурно си е, какво и да е! За жал, така стојат генерално работите, и токму тоа е причината што овој тип музика како најраспространет и најконзумиран стил низ светот, беше до неодамна табу за нашата сцена… Но за се си има време и прав момент! Така да, и малите промени ме прават среќна.

Марга Сотировска алијас Марга Сол е родена на 10 јуни. Близнак кај кого ѕвездите испраќаат сигнали за успешен пат во кариерата.

ФОКУС Близнаците секогаш имаат потреба од воздух. Дали вашиот воздух, како припадник на овој астролошки знак, го пронаоѓате во музиката?

МАРГА СОЛ Јас можам да дишам само преку слободното себеизразување, а тоа најдиректно го правам преку создавањето музика. Мојата музика – сум најдиректно ЈАС, и кога сум и полна и празна, и тажна, заљубена, среќна, разочарана, осамена, исполнета… Сите ние дишеме низ сите овие емоции секојдневно, низ целиот живот… Исто така и јас…

ФОКУС Астролозите предвидуваат дека мај ќе биде поприлично интересен и богат од професионален аспект? Па, постојат ли реални шанси ова да се реализира?

МАРГА СОЛ Астрологијата отсекогаш ме интересирала… посебно поради фактот дека сум еден љубопитен Близнак 🙂  И да, мене овој месец ми значи преродба… Многу случувања, нови проекти, отворање многу врати… пресреќна сум.. Мојата кариера почнува конечно да се движи во вистинскиот правец, а мојата музика масовно се прифаќа и ужива низ разни форми… Започнувам и со живи настапи, околу мене се вртат квалитетни музички ликови, а јас сум преполна со инспирација…

ФОКУС Зошто се одлучивте за варијантата Сол во вашиот музички псевдоним? Дали преку тоа сакавте да предизвикате внимание, да пратите одредена порака до публиката?

МАРГА СОЛ Никогаш, ништо не правам без да има некаква приказна или значење во позадина. Сакав моето презиме да го скратам, да биде лесно за паметење но и да има суштина. Латинското значење на „Сол“ е „Сонце“, мене сонцето ме асоцира на љубов, слобода, големина, безграничност… Сонцето го грее секое лице на земјинава топка. Јас навистина би сакала мојата музика да ја грее секоја душа, затоа што ја создавам само поради огромна љубов. Таа е мојот медиум со кој пренесувам нешто големо, убаво, значајно до слушателите. Сакам и тие да ја почувствуваат таа љубов која сакам да ја ширам насекаде… Можеби звучи патетично, но тоа е мојата вистина и затоа и верувам дека успевам!

Близнаците не можете долго да ги задржите на едно место. Па затоа од Плеј кафе во Скопје Сити Мол тргнавме во шопинг. Ова е совршена терапија да ја сочувате насмевката на лицето на секој астролошки припадник на Близнаците. Нашето внимание го предизвикаа неколку места. Уживавме во опојните мириси кое ги ширеше пролетното виножито на  штандот на Лаш. Потрагата по накит, не одведе на штандот Аморини.

ФОКУС Канада е земјата која го лансираше вашиот пат до успехот. Што ве натера да го  испратите својот музички материјал? Верувавте ли дека таму некаде, постои некој кој ќе има слух за вашата музика?

МАРГА СОЛ Секогаш верував дека мојата музика ќе стигне каде што треба, затоа што тоа беше и сѐ уште е мој сон. Музиката не познава граници, и за да се декларира како уметност, треба да биде креирана со една цел – да стигне до секој, а да ја прими тој кој ќе се пронајде себе си во неа. Мојот почитуван ментор Валентино Скендеровски, во чие студио имав и неколкугодишна пракса ме мотивираше да снимам материјал и да пратам до светски издавачки куќи. Јас ги „пикирав“ помалите за почеток, со цел понатаму да стигнам и до големите… Така започна моето музичко патешествие, со едно ЦД од 10 песни, пратена по пошта за 300 денари…

ФОКУС Сигурно постои разлика помеѓу создавањето музика и споделувањето музика на вашите диџејски сетови. Што повеќе ви ја исполнува душата? Каде повеќе сметате дека припаѓате?

МАРГА СОЛ Себе си се гледам првенствено како продуцент, композитор на музика. Тоа е мојата суштина. Но, диџејските настапи се друга форма на себеизразување, а мотивот е повторно ист – пренесување на љубов и енергија преку музиката, преку звукот, директен контакт со публика, со луѓе… моментот кога диџејот и публиката стануваат едно… Тоа е нешто неописливо, само се доживува. Кога ќе забележам насмеани лица, опуштени тела кои се движат по ритамот на музиката, адреналинот и енергијата во просторот во кој сме сите ние во тој момент… Тоа се магични моменти заради кои често патувам, се изморувам, но и премногу уживам!

ФОКУС Како Македонците реагираат на дама во улогата на диџеј? Најчесто се навикнати тоа да бидат момци или девојки кои ќе се разголуваат, па на тој начин го чуваат вниманието на публиката.

МАРГА СОЛ Да, почетокот е секогаш ист… стојат до мене и гледаат дали навистина миксам во живо или пуштам измиксани цедиња како повеќето „диџејки“ кои ако не се разголени не можат да добијат „тезга“. Кога пуштам музика, јас заборавам на фактот дека сум девојка, јас сум само диџеј. Со оглед на тоа што постојано имам настани, очигледно мојот искрен пристап и професионализам лесно се увидува и прифаќа, затоа и 8-9 години сум по локали, клубови, настани, забави… И тоа ме прави среќна!

Време е за враќање на енергијата. Тоа го обезбедивме со свежината од цедените сокови на  Juicy&Co, брендот кој на македонскиот пазар го промовира здравиот начин на живот преку уникатни миксови на цедени сокови.Интересниот спој на вкусови и витамини е вистинско освежување после долгите шопинг прошетки.

ФОКУС На 5 години веќе ги пакувате своите музички парчиња. На 13  се вљубувате во својот прв синтисајзер. Тој ли беше пресуден за музичкиот стил кој го одбравте како ваше поле на докажување?

МАРГА СОЛ Синтисајзерот ми стана најдобриот пријател од моја 5 годишна возраст. Јас никогаш не се декларирам како професионален музичар, немам завршена музичка школа. Но, знам од ништо да создадам нешто убаво… Знам да ги користам моите таленти и дарби во најдобра смисла на зборот… Стилот на мојата музика едноставно се создаде сам од себе. При создавање на музика, мозокот ми е исклучен. Не знам што правам, само чувствувам и пренесувам преку склоп од звуци… Во тие моменти сум свесна за себе и тоа што го креирам… и ништо друго не постои.

ФОКУС Колку класичната музика со која сте се дружеле уште како дете, ви дала животни насоки кои  сѐ уште се стремите?

МАРГА СОЛ Класичната музика е едноставно Класика – таа е сакале или не, темел на сѐ што последователно следи. Слушав класични композиции и ги свирев, но слушав и светска музика како: Енигма, Вангелис, Енја, Дип Форест, Жан Мишел Жар, Мајк Олдфилд, Лорена Мекенит и т.н. Сето тоа е мојата школа, мојата основа од каде продолжив со креирање моја музика, оставајќи мој белег.

Ние композиторите, музичарите, воопшто уметниците сме многу среќни луѓе што ја имаме таа вродена дарба за себеизразување. Треба тоа максимално да го цениме, а и да уживаме во неа…

ФОКУС Сте настапувале на Ибица, во Шпанија, во Албанија, Србија… Светски познати компании барале услуги од вас во областа на рекламирањето и себепрезентирање преку музика, музика за претстави, шоуа. Колку Марга е задоволна од она што досега успеа да го постигне сама, без да бара помош од било кој, како што често се случува во Македонија?

МАРГА СОЛ Да, настапував до пред три години… Малку стагнирав, а потоа се лоцирав повеќе локално поради мојата ќерка која дојде на свет пред три години. Го живеам животот низ музиката, настапите, но и низ присуството во нејзиниот живот како најблиска и најсакана личност – мајка! Повторно се отвораат вратите за надвор од Македонија и има многу голема веројатност повторно да сум по патишта и аеродроми, сега откако може да ме сфати што работам и зошто.

Јас сум многу задоволна со се што постигнувам сама и сум горда на себе! Но во исто време имам многу повисоки цели и моето патување тек зема замав…

ФОКУС Мајчинството е ново поле во кое се докажувате. Како се справувате? Има ли простор и доволно можности за една дама која има ваква кариера и ваква професија, да одговори на сите барања со кои се соочува една мајка?

МАРГА СОЛ Има простор – сѐ што се сака, е возможно да се оствари! Јас сум пресреќна што сум мајка, тоа е непроценливо богатство кое секојдневно ми ја полни душата. Музиката е тоа што сум јас и не можам да сум ништо друго. Среќна сум што во исто време можам  да уживам во љубовта на мојата ќерка и мојата музика!

ФОКУС Дали вашето детенце сака музика? Слуша ли класика?

МАРГА СОЛ Обожава музика и слуша сѐ што сметам дека е квалитетно, забавно и соодветно за нејзини години. Пее, игра, едноставно ужива…тоа е доволно.

ФОКУС Се согласувате ли со анализите чии резултати покажуваат дека децата го развиваат својот интелект подобро и побрзо доколку слушаат класична музика?

МАРГА СОЛ Верувам дека треба да се прави соодветен избор – која музика би се презентирала пред детето и во која возраст. Сѐ има влијание. Така покажуваат резултатите веројатно поради фактот што во минато, композиторите ја креирале музиката затоа што така чувствувале, а не затоа што треба да направат хит и да станат популарни! Директната емоција која ја пренесувале преку класиката е таа што допира до секое дете, без потреба да разбира јазик… Сметам дека „тука лежи зајакот“!

ФОКУС За крај, кој е вашиот најголем предизвик кон кој ќе се насочите годинава?

МАРГА СОЛ Тукушто отворив моја издавачка куќа и од оваа година заземам многу сериозна позиција на светската сцена преку мојата музика, мои проекти, изданија, компилации, албуми, промовирање квалитетни музичари, продуценти… Целта ми е промовирање на мојата музика на многу повисоко, професионално ниво, соработки со големи музичари, да стигнам до филмска музика… Посакувам  музика за документарци кои се емитуваат на тв медиуми како Discovery Channel, реклами на големи брендови… Живи настапи и концерти… Многу повеќе ќе се слуша за Марга Сол и нејзината музика… Знам точно што правам и каде одам… Но, по пат, едноставно ќе уживам!

Поврзани новости