Марфи: Ако нема уставни измени, тоа ќе биде загрижувачки

by Fokus

Крис Марфи – демократскиот сенатор на САД ги повика пратениците да гласаат за уставните измени, за да ја отворат можноста за членството на земјата во ЕУ.

„Во време кога Русија е сериозна закана за НАТО алијансата, но и за европските демократии, уставните измени се можност за Северна Македонија да се приклучи кон Европската унија (ЕУ)“ – порача Марфи денеска во Скопје.

Тој во име на САД ги повика пратениците да гласаат за уставните измени и да ја искористат можноста за влез во ЕУ, додавајќи дека во спротивно, неусвојување на промената на Уставот ќе се одрази и на односите на Северна Македонија со САД.

„Сакам да бидам јасен и за влијанието што ќе го има врз односите со САД ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени. Тогаш ќе се тргнеме од патот кон ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние коишто сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности. Ние сме пријатели, никогаш нема да престанеме да бидеме пријатели и партнери, но лидерите во САД го набљудуваат изборот што ќе биде направен тука во следниве неколку месеци“, изјави Марфи по денешната средба во Владата со премиерот Ковачевски.

Тој кажа дека војната во Украина е криза, но ја разбуди ЕУ. Ја освести за потребата да ги остави вратите отворени и вели дека Украина не може да влезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот.

Затоа порача дека ова е нова реална можност и овие технички измени на Уставот се јасна можност за Северна Македонија да може да се приклучи кон ЕУ.

Поврзани новости