Манев и на денешното рочиште не го откри пријателот на Палчо кој требало да го уништи пиштолот

by fokus

Судијата Ивица Стефанов на денешното судско рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, го испрашуваше обвинетиот Велибор Манев. Тој на минатите рочишта раскажа како било договорено грабнувањето на двете жртви, но и начинот на кој биле убиени, односно според него, Љупчо Палевски Палчо им пукал во глава. Судијата денеска повторно го прашуваше за клучните моменти од злосторствата.

Манев повтори дека плановите за грабнувањата ги направил Палевски. Панче бил грабнат за да се искористи неговото возило за грабнувањето на втората жртва, од чие семејство требало да изнудат пари. Рече да знаел дека Палчо ќе носи пиштол и дека ќе го убие Панче, денеска немало да биде тука.

Обвинетиот појасни дека Палевски им рекол дека околу зградата, од каде што е грабнато девојчето, нема камери. Сепак остана на тезата дека не требало да ја грабнат Вања, туку жена на возраст од 40 години, која живеела во истата зграда.

На прашањето на судијата, дали знаел дека Палевски носи пиштол, денот кога ја грабнале Вања, Манев рече:

,,Откако ја сликаше, тогаш го извади пиштолот од пикапот за да ја отепа, рече обвинетиот.

Тој објасни дека идејата за грабнувањето се родила во 2022 година, им требало пари за партијата. Немерата било да се грабне едно лица, а Палевски се мислел меѓу ќерките на поранешен директор на градежна компанија и ќерката на фармацевт.

На прашањето на судијата, дали и Вања и Панче биле убиени со ист пиштол, Манев рече:

-Не се разбирам од оружје. Црна боја беше, рече обвинетиот.

Вечерта кога Палевски заминал за Истанбул, на 30-ти ноември, му се јавил три-четири пати на Манев и му рекол да побара едно лице, кај кого бил син ранец во кој имало три мотороли и пиштолот.

-Претходно, човекот го земал од канцеларијата ранчето, а мене ми кажа да го побарам и да му речам, ако уште е кај него ранецот да го исфрли и уништи, рече Манев.

Судењето е во тек.

Валентина Вурмо

Поврзани новости