Манчини и Италијанците после поразот од Македонија: Целосно сме уништени!

by Фокус

Стратегот на репрезентацијата на Италија, Роберто Манчини, не криеше дека е крајно разочаран по исходот од вечерашниот натпревар на „Енцо Барбера“, во кој Македонија ја победи фаворизираната Италија и се пласираше во финалето од бараж средбите за пласман на Мундијалот во Катар.

-Како што Европското првенство беше најпрекрасното искуство во мојот живот, ова беше моето најголемо разочарување. Не можеме да кажеме ништо, таков е фудбалот. Понекогаш неверојатни работи се случуваат, а тоа се случи вечерва. Не ни требаше да бидеме овде, но откако дојдовме сторивме се што е во наша моќ да победиме, па сега е многу тешко да зборувам за тоа – изјави разочараниот Манчини.

И еден од најискусните во таборот на Италијанците, Џорџо Киелини, беше искрен за разочарувањето кое им го приреди македонската репрезентација.

-Целосно сме уништени. Ова е шокантен пораз и неочекувано сценарио. Игравме добро, но не успеавме да постигнеме гол. Сепак, горд сум на тимот, играчите и селекторот Манчини. Сега ќе мораме да почнеме одново. Манчини треба да остане селектор – рече дефанзивецот на Јувентус.

За пласман на Мундијал Македонија ќе игра во вторник против Португалија во Порто.

Поврзани новости