Малиот Давид од Битола, херој на денешницата: Помина 45 дена на апарати, а вчера го урна својот рекорд во пливање!

by Fokus 11:15
11:15

Малиот Давид Домазетовски од Битола, за кого пред четири години се крена целата земја во хуманитарни акции, со цел да се соберат финансии за лекување на тешката болест, тумор на мозокот, вчера ја воодушеви јавноста со својот голем успех.

Во Штип, на пливачкиот митинг кој се одржа во знак на одбележување на јубилејот – 65 години пливање во овој град, тој успешно ја заврши трката и постави свој личен рекорд. На пливачкиот митинг учествувале околу 150 деца, родени помеѓу 2004 и 2012 година, а деветгодишниот Давид и покрај забавената моторика на движење, која останала како последица од болеста, успеа да стигне на целта.

- Advertisements -

Неговата мајка Ана вели дека тој започнал со пливање на свои четири години. Љубовта кон овој спорт била голема, па дури и тешката дијагноза не успеала да го попречи во неговата желба да продолжи со пливањето.
-Кога имаше пет и пол години, на Давид му беше откриен тумор на малиот мозок. Тој имаше две интервенции, 45 дена беше на апарати, а потоа уште седум месеци беше хоспитализиран. Денес, фала му на Бога, тој е добар, тргна во трето одделение. Со секојдневна работа и тренинзи почна да се исправа на нозе. Првин пливаше во затворениот базен во хотел ,,Епинал’’, потоа во ,,Energym’’ фитенс центар, а сега цело лето на Олимпискиот базен Битола. Давид е многу паметно и бистро дете. Останаа проблеми со моториката, но се трудиме да ги надминеме. Свесен е за се што му се случи, но на сето тоа тој гледа како на еден период од животот кој ќе помине и ќе го направи уште посилен – раскажува Ана.

Таа додава дека Давид е задоволен од својот успех, што повторно се исправил на нозе, почнал самостојно да оди и повторно да плива.

-Неговиот напредок го прави многу среќен и му дава уште поголема мотивација да биде тоа што беше. Негова порака до сите кои минуваат низ слични животни бури е дека вербата во Бога и упорноста се единствениот вистински пат до успехот – ни изјави гордата мајка.

Приказната за Давид, кој во декември 2014 година ургентно беше хоспитализиран по дијагноза на тумор на мозокот со големина на јајце, допре до целата јавност. И покрај високиот ризик од интервенцијата, проф. д-р Угриновски, успешно го отстрани туморот.

-Ако следиме медицински правила, Давид не требаше да се оперира. Тоа е како да оперираш мртов човек. Но мојот инстикт и искуството ми даде за право и покрај тоа што шансите за преживување беа еднакви на нула, да влезам во операциона сала и да оперирам. Што беше пресудно? Пресудното беше брзината на интервенцијата. Фактот дека ситуацијата се влоши во 2 часот наутро, а ние влеговме во сала во 3 часот наутро, само еден час по случката, што ми будеше надеж дека ќе го излечам. Операцијата траеше околу 4 часа, се извади целиот тумор и почна голготата која траеше со месеци. Да се ослободи од машината, да почне сам да дише, да добие движење на рацете и нозете. Вклучени беа сите екипи, првенствено анестезиолозите, физикална терапија – објасни тогаш професорот д-р Угриновски.

По 45 дена минати на апарати, борецот Давид се разбуди. Додека траеше неговото лекување, музичката сцена организираше концерти, за собирање на финансиска помош на семејството. Болницата ,,Аџибадем Систина’’ ги покри трошоците за болничкиот престој, но и за зрачниот третман Trilogy.

-45 дена беше на апарати, секој ден го чекавме да се разбуди. Бевме големи оптимисти и веруваме, имавме голема надеж и верба. Бевме со мисла дека сè е тоа нормално. Секое утро доаѓавме во 8 часот тука, влегуваме позитивни и насмеани. Постојано му зборевме, му пеевме, му пуштавме музика. Целиот персонал беше насмеан и наклонет кон него. Имаше атмосфера како ништо да не се случува. Имавме дозвола од професорот постојано да бидеме покрај него, постојано да му зборуваме и да го храбриме. Едноставно да нè чувствува. Професорот Угриновски доаѓаше секој ден по неколку пати за да го види и чекаше дали тој ќе закашла. Еден ден додека разговаравме со него, Давид се закашла. Професорот кога го чу тоа само силно извика „браво“ и беше многу среќен. Тоа беше моментот кој го чекавме. Давид надмина сè – раскажуваше мајката по извојуваната битка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости