Малески: Демократиите познаваат само политичко водство за решавање тешки прашања и, во случај на неуспех, оставка

by fokus

Премиерот Петков сакал да ја ревидира националната позиција за Македонија на бугарскиот парламент, обвинува досегашната министерка за надворешни работи Генчовска. Нацртот на новата рамковна позиција, продолжува таа, не го вклучува и бугарскиот став за т.н. македонски јазик.

Но, ние знаеме дека без ревизија на овие позиции од бугарска страна, нема решение. Имено, патот на помирување и пријателство води не само преку признавање, туку и преку почит кон нашата македонска нација и кон нашиот македонски јазик. Обидот на премиерот Петков е токму во таа насока, вели професорот Денко Малески за Слободен печат.

-Но, размислува ли некој за ревизија на резолуцијата на македонскиот парламент формулирана од академиците Коцарев и Ќулавкова? Или можеби мислиме дека нашата резолуција е запишана во камен, па треба само Бугарија да го крене ветото и спорот не само да се реши туку и да исчезне?

Дека, во овој спор вистината е 100 отсто на нашата страна? Кој е чекорот кон помирување кој ние треба да го направиме?

За тоа одамна престанавме да размислуваме под влијание на македонскиот политички врв кој упорно повторува дека Македонија сторила сè за да се реши спорот и дека останува само на другата страна да го крене ветото. Политичарите се толку упорни во тоа што го тврдат што се заканија дека нема повеќе да се занимаваат со бугарската тема доколку во јуни не добиеме датум за почеток на преговори. Како да е работа на избор на политичкиот врв на една држава со кои теми ќе се занимава во меѓународните односи, а со кои не.

Имено, темите со кои се занимава високата политика на секоја држава во светот се тешките теми. Исклучително тешки. Лесните се на други нивоа.

Оттаму, претседател, премиер или министер не може да каже дека прашање кое е од стратешки интерес за државата, како што е членството во ЕУ, на пример, е нерешливо за нив и дека ќе го стават во фиока. Немаат право на тоа. Демократиите познаваат само политичко водство за решавање тешки прашања и, во случај на неуспех, оставка, вели Малески.

Поврзани новости