Маленко конечно плива во мирни води, сличностите со Метка се покажаа како пресудни за добар брак!

by Фокус

Поранешниот пливач и олимпиец, а до неодамна и прв човек на Пливачката федерација, Александар Маленко, кога е приватниот живот во прашање, очигледно дека заплива во мирни води дури на свои 43 години. По четирите неуспешни бракови од кои има пет деца, тој веќе една година живее со новата сопруга, поранешната словенечка пливачка, а денес тренер по пливање, Метка Спаравец (45), заедно со нејзините четири деца, во нејзиниот роден град Марибор.

Минатата година кога одекна веста дека Маленко се оженил по петти пат, интересно беше тоа што неговата нова избраничка исто како него, своевремено била успешна и позната пливачка во својата земја. Парот откри дека за прв пат се сретнале пред 26 години на ЛОИ во Атланта, но судбината сакала повторно да се спојат речиси три децении подоцна, кога веќе се оствариле како родители и навлегле во позрели години.

За Метка во Словенија се пишува многу, посебно во последните неколку години, откако нејзината најстара ќерка Ника Фаин (20) стана една од најдобрите пливачки во нивната земја и освојува медали и награди од разни првенства, а Метка е нејзин тренер. Покрај Ника, со пливање се занимава и нејзината помала ќерка Катја. Двете девојчиња Метка ги доби во брак со рускиот пливач Александар Фаин, со кого шест години живееја во Австралија, а по враќањето во Словенија се разделија.

Потоа Метка со омажи за словенецот Борис со кого доби две момчиња, близнаци, кои сега имаат по околу четири години, но и бракот со Борис не траел многу. Маленко се покажал како трета среќа за поранешната пливачка, на чиј социјален профил денес можат да се забележат нивни заеднички фотографии на кои не ја кријат својата љубов и блискост.

Посебно внимание во Словенија предизвика веста дека Метка си направила базен дома, во гаражата, затоа што за време на пандемијата подолг период беа затворени јавните базени, а таа и нејзините ќерки сакале постојано да тренираат. Околу тоа како се носи со одлуката на ќерките да тргнат по нејзините, но и по стапките на нивниот татко Александар Фаин, а сега и очувот Александар Маленко, Метка во интервју за тамошните медиуми раскажала дека воопшто не сакала нејзините ќерки да се занимаваат со пливање.

-Навистина, со поранешниот сопруг Александар Фаин не сакавме ќерките да се занимаваат со пливање. Премногу добро знаеме колкава пожртвуваност и каква одговорност повлекува пливањето. Се обидов да ги насочам кон други спортови, посебно Катја која тренираше карате и атлетика. Таа и Ника беа национални шампиони во нивните категории, и играа тенис уште од мали нозе. Ги запишавме на пливање само за да научат да пливаат, но на крајот пливањето преовлада. Ништо повеќе не можеше да се направи. Пливањето ни ги обзема животите, сакале или не, животот на секој од нас се врти околу пливањето – раскажала таа.

Маленко пак, по бракот со Метка минатата година само еднаш се огласи јавно и кажа дека животот во една европска земја многу му одговарал.

-Со постојана адреса во Марибор живеам со сопругата и семејството. Со свој дом во Марибор можам да бидам секаде на време, а како секој човек и со својата фамилија. Растен сум во семејство со здрави општествени вредности, преблагодарен сум на родителите кои ме научија на основните вредности, култура, почит, дисциплина и одговорност. Тоа се основни работи кои секој родител треба да му ги каже на своето дете!- изјави лани Маленко, кој денес живее подалеку од очите на јавноста.

Во минатото тој беше познат по врската со поп пејачката Каролина Гочева, потоа бракот со пејачката и водителка Сузана Турунџиева, бракот со актерката Јелена Жугиќ, врската со пејачката Фани Христова, и уште два брака со Русинката Татијана и охриѓанката Фани, кои не беа јавни личности.

Вики Клинчарова

Поврзани новости