Малчески: Триесетина луѓе не бевме повикани на состанокот на Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, денес си извршија „погреб“

by Fokus

На денешниот состанок на Иницијативата за реформи на ВМРО-ДПМНЕ не биле повикани 30-тина луѓе, кои претходно се обединија за партијата да ја изнесат на вистинскиот пат.

Еден од нив е и Самоил Малчески, кој за „Фокус“ истакна дека се почнало како искрена намера за реформи на партијата, како место за дебата каде сечие мислење ќе биде слушнато – за општо добро, за добро на ВМРО ДПМНЕ, за добро на Македонија.

– Многу искрени луѓе ја поддржаа иницијативата зашто имаше добра насока и искрен концепт. Но што се случи потоа ретко кој може со сигурност да каже. Почнаа да се маргинализираат луѓето кои имаа сопствен став, луѓето кои аргументирано им се спротиставуваа на самопрогласените “лидери”, да се бришат нивни постови на фб групите, да не се повикуваат на состаноци, па дури имаше и обиди да се оцрнат тие луѓе! За денес она што јавно се прокламираше дека ќе биде општ обединувачки Конгрес неколмина го приватизираа во паралелен Конгрес. Место борба за идеали, гледаме борба за фотелји! – истакна Малчески.

Според него, денес иницијативата извршила погреб.

– Многумина од поддржувачите револтирано реагираат. Ако некој мисли да прави паралелни Конгреси и да се пребројува за да прави нова партија нека им е со среќа. Иницијатива за реформи на ВМРО ДПМНЕ – THE END.Борбата продолжува, ВМРО ДПМНЕ мора да се мореднизира и да се демократизира.
Нов Статут, нова доктрина, нова програма! Нови луѓе, за нови победи! – додаде Малчески.

Поврзани новости