Макрон: Не смееме да си заминеме по војната, мораме да ја градиме новата Сирија

by fokus

САД, Франција и нивните сојузници да останат во Сирија и по завршување на конфликтот, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Тој истакна дека тие земји мора да останат за да ја изградат „новата Сирија“.

– Мораме да ја изградиме новата Сирија откако војната ќе заврши, изјави Макрон за „Фокс њуз“, додавајќи оти американската улога ќе биде многу важна во овој процес.

Макрон за „Фокс њуз“ вели дека со шефот на Белата куќа има „посебен однос“, бидејќи двајцата се политички „нескротливи“, бидејќи „не се дел од класичниот политички систем“, а ги поврзува борбата против тероризмот и „приврзаноста кон слободата и мирот“.

Тој најави дека при посетата на САД, од Конгресот ќе побара поддршка за да се стави крај на влијанието на диктаторите и отпаднати држави.

– Ние имаме посебен однос затоа што двајцата сме веројатно тие кои се нескротливи во системите во двете држави. Мислам дека изборот на претседател на Трамп беше неочекуван во вашата земја, а веројатно и мојот избор беше неочекуван во мојата земја. А ние не сме дел од класичниот политички систем, вели Макрон.

„Фокс њуз“ наведува дека главниот дел на неговата посета, со која се слави 250 години американско- француски односи, ќе биде вечерата во Белата куќа, која Трамп ќе ја приреди за Макрон. Францускиот претседател ќе биде првиот странски државник, кој ќе вечера во резиденцијата на Трамп од неговото доаѓање на власт во САД.

За време на посетата на САД, францускиот претседател Емануел Макрон ќе му подари на американскиот колега Доналд Трамп даб, симбол на силни врски меѓу двете земји, соопшти телевизијата „Фокс њуз“

Тоа е северен француски даб, за кој Макрон се надева дека ќе биде засаден во паркот на Белата куќа, како симбол на ова силно пријателство, изјави новинарот Крис Валас, кој го интервјуираше Макрон во Елисејската палата.

Макрон од утре ќе биде во тридневна посета на САД.

Поврзани новости