Макрон: Најдено компромисно решение за спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија

by Fokus

Францускиот претседател, Емануел Макрон, во својата прес конференција што предмалку заврши изјави дека е најдено компромисно решение за спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија.

– За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти, затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите – изјави Макрон.

Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.

– Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото – потенцира Макрон.

Француското претседателство завршува денеска на полноќ, по што палката ја презема Чешка, која за време на германското претседателство ги блокираше заклучоците токму поради внесувањето на билатерални историски прашања, меѓу другото.

 

 

 

 

Поврзани новости