Макрадули: Владата финансиски ќе им помогне на граѓаните да ги заменат старите нееколошки печки со еколошки

by fokus

Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, најави денеска финансиска поддршка од Владата за граѓаните да ги заменат старите нееколошки печки со извори на топлина кои се еколошки. Ова е дел од мерките кои ќе бидат спроведени со новата програма на Владата за намалување на загаденоста.

-Владата ќе ја помогне замената на старите нееколошки печки со еколошки. Некој ќе се грее на парно, некој на гас, некој ќе има енергетски ефикасен објект, а некои печки ќе бидат заменети со инвертори. Ние ќе интервенираме со финансиска помош, односно дел од финансиските средства ќе ги даде владата – рече Макрадули одговарајќи на новинарско прашање дали прво треба да се зголеми стандардот на граѓаните, па потоа да се решава прашањето за затоплувањето на домаќинствата.

Според Макрадули четири различни анализи од различни држави и експерти покажале дека загревањето на домаќинствата учествува со над 40 отсто во загадувањето.

Владината програма инаку предвидува со закон да се забрани јагленот како извор на затоплување. Макрадули ги повика невладините еколошки организации да се вклучат во реализирање на владината програма како би се убедиле граѓаните да користат еколошки извори на загревање.

-Има примери во Европа каде невладините организации тропале од врата на врата и им укажувале на граѓаните дека јагленот е штетен за нивините деца. Забраната на јаглен е драстична, но корисна мерка, која треба да се искористи за заштита на животната средина – рече заменик министерот.

Програмата е краткорочна стратегија која предвидува примена на одредени мерки во следните две години за намалување на аерозагадувањето.

Поврзани новости