Макрадули: Огласот за 280 пошторазнесувачи на неопределено е бидејќи им истекуваат договорите на оние кои досега биле пријавувани на определeно работно време

by fokus

А.Д. Пошта на Северна Македонија распиша оглас за вработување на 280 пошторазнесувачи на неопределено работно време. Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш обвинија за неодговорно работење со оглед на тоа дека Пошта е во долгови.

Директорот на А.Д. Пошта, Јани Макрадули во изјава за Фокус објаснува дека не станува збор за отворање на нови работни места, туку за кадар кој и досега работел во Пошта, но под договор на определено време.

-Во интерес на вистината, а по изнесените лаги од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, важно е да се нагласи дека не станува за отворање на нови работни места и дополнителни финансиски трошоци на компанијата, бидејќи во моментов овие позиции ги извршуваат лица на кои им истекуваат договорите за вработување, а кои досега беа склучувани на определено работно време. Со цел непречено овозможување на услугите, особено земајќи предвид дека А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ е давател на универзална поштенска услуга во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, како и дополнителна транспарентност и отвореност, компанијата за овие позиции распишува јавен оглас за работна позиција – пошторазнесувачи, на неопределено работно време, кој е отворен за секој заинтересиран граѓанин, вели Макрадули.

Тој додава дека ја разбира потребата на опозицијата за собирање на дневно-политички поени, но е крајно некоректно на удар на лаги и неточни информации да бидат изложувани поштарите кои несебично, пожртвувано и целосно изложени на ризиците кои со себе ги носи Ковид-19 вирусот, сиве овие месеци чесно ја заработуваат својата егзистенција изложувајќи го на опасност своето и здравјето на нивните најблиски.

-Дополнително, би сакале да ја информираме јавноста дека овој оглас беше првично распишан во текот на месец февруари 2020 година, но не е реализиран, следејќи ги насоките и препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) заради почитување на законските прописи, како и избегнување на било какво влијание во рамки на изборниот процес, вели Макрадули.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости