Макрадули: Ние го следиме европскиот концепт, преку регионално менаџирање на отпадот

by fokus 13:34
13:34

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска во Охрид посочи дека став на Министерството и на експертите е оти локацијата за идната регионална депонија за Југозападниот плански регион е во рамки на Општината Дебрца.

– Став на експертите е дека oпштина Дебрца е најидеалното место каде би се градела регионалната депонија за третман на отпад. Дали локацијата ќе биде посочената или некоја друга, тоа ќе биде плод на консултации, но треба да се разговара така што организираме јавни расправи бидејќи сакаме со граѓаните да се убедиме со аргументи, рече Макрадули.

- Advertisements -

Тој во оваа прилика потсети дека речиси сите општини во Македонија дадоа согласност Владата да ги преземе ингеренциите за распишување тендер за избор на концесионер што ќе управува со отпадот во регионите.

– Постои еден хендикеп во овој момент во државата, за жал се изгубила довербата во институциите. Сакам да ги уверам граѓаните дека целата постапка и целото мониторирање околу изградбата на регионалните депонии ќе се спроведува согласно најдобрите практики и техники што постојат. Така пишува во Законот и верувајте дека тоа ќе го следам, рече тој.

Макрадули имаше обраќање на трибината „Македонија на патот на ЕУ“ што денеска се одржа во Охрид, говорејќи за активностите посветени на заштита на животната средина.

– Овде зборуваме зошто ЕУ, а поврзано со животната средина, конкретно како ќе го третираме опадот во Македонија. Тука сме во регион во која во овој миг има осум илегални депонии, во кои секојдневно се загадува почвата, водата, воздухот, Ние го следиме европскиот концепт, преку регионално менаџирање на отпадот и сметам дека тие европски вредности ќе доминираат и со секојденевната комуникација со граѓаните при донесувањето конечни одлуки, рече Макрадули, истакнувајќи дека ресорното Министерство веќе спроведува активности за чистење на повеќе депонии низ целата земја, од кои едната на самиот влез во Охрид.

Поврзани новости