Макпетрол во одлична кондиција, 6 милиони евра добивка во 2016

by fokus

Макпетрол, најголемата македонска нафтена компанија, е во одлична финансиска кондиција, ако се суди според годишниот извештај за 2016, во кој компанијата прикажува добивка по оданочување од околу шест милиони евра.

Успехот на компанијата го истакнува и зголемената продажба на енергенси на мало за девет проценти, што е и главната причина за одличните резултати, се вели во финансискиот извештај за работата на Макпетрол.

Покрај ова, компанијата ги намалила расходите за камати и курсни разлики, а го зголемила прометот со останати стоки и приходите од вложувања. Макпетрол лани ги намалил трошоците за суровини и други материјали за 58%, а вкупната кредитна задолженост на компанијата во 2016 година се намалила за над 25%, се вели во извештајот.

Минатата година, Макпетрол вработил 198 лица, а компанијата продолжила со инвестиции во нови бензински станици и реконструкција на постојните. Извонредните резултати лани создаваат услови за усвојување одлука за исплата на дивидeнда на акционерите, пишува во извештајот.

Додека последните финансиски резултати на нафтениот гигант покажуваат дека тој е во одлична кондиција, Комисијата за хартии од вредност и натаму не се изјаснува во врска со понудата за преземање од анонимната офшор компанија од Девствените Острови, „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“.  КХВ пред шест месеци ја запре постапката, со кусо образложение дека се чека „ решавање на претходно прашање кај друг надлежен државен орган“. Оттогаш, од надлежната Комисија нема ниту збор за оваа постапка, а илјадници вработени во Макпетрол и акционери се во неизвесност.

Новинарските истражувања укажуваа на тоа дека зад „Балкан Петролеум“ стои организирана офшор-мрежа на компании во сопственост на сомнителни руско-украински бизнисмени, чие минато е преполно со обвинувања за корупција, перење пари и соработка со руската мафија. Но, и покрај овие наводи, државните институции не се одважија да го истражат минатото на сомнителните тајкуни и потеклото на нивните пари. Игнорантскиот однос на институциите кон случајот „Макпетрол“  отвори сомнежи и стравувања дека се случува обид за влез на црн странски капитал во македонското стопанство.

Поврзани новости