Макпетрол – Поважни сообраќајни правила и прописи во регионот и Европската Унија

by fokus

Во земјите од регионот и Европа дозволената брзина за возење во населени места секаде е иста како кај нас – 50 километри на час, со исклучок на Албанија – 40 километри на час.

Возењето за 20 километри на час над дозволеното во земјите од соседството ќе ве чинат од 2 000 до 6 000 леки (од 16 до 50 евра) во Албанија, 35 евра во Косово, 5 000 српски динари или 40 евра во Србија, 100 евра во Грција, помеѓу 20 и 350 левови или 10 до 175 евра во Бугарија.

Во останатите земји од регионот казните се движат од 50 конвертибилни марки или 25 евра во Босна и Херцеговина, од 50 до 150 евра во Црна Гора, 1 000 куни или 130 евра во Хрватска и 250 евра во Словенија.

Возење со вклучено средно светло е задолжително за сите држави во соседството. Во Бугарија казната за невклучени светла изнесува 25 евра, во Косово – 25 евра, во Црна Гора од 30 до 80 евра, во Босна и Херцеговина казната е од 15 до 30 евра, во Србија казната е 3 000 српски динари или околу 26 евра), во Словенија казната е 40 евра.
Во Италија светлата се задолжителни само надвор од населените места (а за невклучени светла казната изнесува 38 евра), а во Грција, Германија и Шпанија светлата се задолжителни само за мотоцикли и мопеди.

Во Хрватска е задолжително средно светло дење за сите возила од последната недела во октомври до последната недела во март – казната изнесува 300 куни или околу 40 евра.

Во Албанија средно светло е задолжително само при лоша видливост и во тунели.

Поседувањето на рефлектирачки елек е задолжително во сите држави од регионот и Европската Унија. Елекот задолжително мора да се облече кога се излегува од возилото во случај на дефект или незгода. Казните се движат од 25 евра во Србија и Бугарија, 40 евра во Хрватска, од 30 до 80 евра во Црна Гора, 100 евра во Словенија, помеѓу 41 и 137 евра во Италија и меѓу 14 и 2 180 евра во Австрија.

Сет за прва помош е задолжителен во сите земји, а ПП апарат е задолжителен во Грција и Бугарија.

Поврзани новости