Макпетрол: Државата купува гасовод по реална цена, Мицкоски сакаше да влијае врз Телма

by Фокус

„Макпетрол“ денеска соопшти дека компанијата има обврска да го почитува Законот за енергетика и мора да го продаде својот удел од 50 проценти во „ГА-МА“ бидејќи не може истовремено да врши и снабдување и пренос на природен гас.

„ГА-МА АД Скопје е формирана како акционерско друштво во сопственост на МАКПЕТРОЛ АД Скопје и Владата на РСМ, со по 50 проценти од вкупниот основачки капитал на Друштвото, во износ од 37.612.500 евра. Од 2006 година до денес, ГА-МА АД има инвестирано неколку десетици милиони евра во развој на гасоводниот систем на земјата. Со цел да се утврди сегашната вредност на ГА-МА АД Скопје, пред реализација на трансакцијата е извршена проценка на пазарната вредност на Друштвото од страна на овластени проценители, ангажирани преку Бирото за судски вештачења како орган на државната управа во состав на Министерството за правда. Со проценката е утврдена пазарна вредност на ГА-МА АД во износ од 65.547.810 евра, од која вредност 50 проценти во износ од 32.773.905 евра му припаѓаат на МАКПЕТРОЛ АД Скопје. Според тоа, на МАКПЕТРОЛ АД Скопје никој ништо не му подарува“, се наведува во соопштението.

Компанијата посочува дека државата купува капитален објект по реална цена, односно функционален гасовод во должина од 205 километри.

„Само за потсетување на оние кои имаат кратко паметење. Владата на РСМ, пред 4,5 години, го изгради најскапиот гасовод во светот. За кракот од Клечовце до Штип во должина од 60,6 километри потрошени се 76,7 милиони американски долари или околу 65 милиони евра –мртва инвестиција која до ден денес не функционира, а од „Макпетрол“ се купува функционален гасовод во должина од 205 километри“, се вели во соопштението.

Воедно, од таму демантираат дека телевизија Телма се продава на бугарски инвеститори.

„Станува збор за класична конструкција и манипулација, која нема допирна точка со реалноста. Ги прашуваме пратениците од опозицијата, ако се толку многу загрижени за граѓаните во нашата држава, зошто експресно и без дискусија беше изгласан Законот за финансирање на политичките партии од буџетот на РСМ? Дали тука водеа сметка за парите и за потребите на граѓаните или за своите лични интереси? Јавноста во Државата треба да знае дека говорот на омраза и навредите упатени кон МАКПЕТРОЛ, ТВ ТЕЛМА и нивното раководство од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последица на неостварената желба на нивниот лидер да влијае врз уредничката програма на ТВ ТЕЛМА“, велат од Макпетрол.

Поврзани новости