Македонците за 1.000 евра ,,навалија” во Занзибар, немаат страв од јужноафриканскиот сој на вирусот!

by fokus

Огромен интерес за 11-дневно патување во Занзибар, Африка, популарен како егзотичен рај, има изминатиот период во земјава. Агенциите нудат аранжмани од девет ноќевања, односно 11 дена, по цена од околу 1.000 евра, а она кое што е додатна поволност за нашите туристи е што за ова патување не е потребен негативен тест на корона вирусот.

Влегуваш во авион, и се упатуваш кон рајската дестинација со најубави плажи, превкусна храна и авантури во ритамот на Африка – вака го опишуваат патувањето нашинци, кои кон крајот на февруари се вратија од Занзибар.

Од туристички агенции со кои стапивме во контакт потврдуваат дека не е потребен негативен тест на вирусот за влез во Занзибар, ниту пак на враќање назад, за влез во Македонија. Се патува авионски преку Истанбул, и за таму не бил потребен тестот, бидејќи не се напуштал аеродромот додека се чека конекцијата.

-Во февруари имавме многу нашинци кои патуваа во Занзибар, сите се вратија презадоволни. Сега, наредниот термин е кон крајот на март, исто така постои огромен интерес. Цената може да варира со околу 100, 200 евра, во зависност од побарувањата на туристите – велат од агенциите.

Периодов доста популарен бил и аранжманот во Малдиви, за каде исто така не бил потребен негативен тест. За Осмомартовските екскурзии во Дубаи, велат дека е задолжителен негативниот тест кој изнесува 2.600 денари, но и за таму имало интерес.

Тоа што во регионот е регистриран јужноафриканскиот сој на корона вирус, за кој здравствените власти во Хрватска потврдија дека го донеле лица кои патувале во Занзибар, очигледно дека нашинците заинтересирани за оваа африканска авантура не ги загрижува. И во Словенија е регистрирана јужноафриканската мутација на вирусот, кај лице кое се вратило од Африка. Словенечкиот министер ги предупреди граѓаните да не одат на ризични патувања во странство. И во соседна Грција, односно во Солун, тамошните здравствени власти потврдија дека на 31-ви јануари бил регистриран случај на јужноафриканската мутација, кој како и британската мутација, се шири доста побргу.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека кај нас се уште не е детектиран јужноафриканскиот сој на корона вирусот, но затоа пак околу 70 проценти од резултатите според лабораторијата на болницата ,,Жан Митрев” се од британскиот сој.

Вики Клинчарова

Поврзани новости