Во Македонија има над 700.000 потрошувачи во категоријата домаќинства, кои само во 2021 година потрошиле над 3.300GWh електрична енергија. Речиси една третина од оваа потрошувачка отпаѓа на Скопскиот регион.
Ова го потврдува Анализата на Центарот за климатски промени за навиките за штедење на енергија во домаќинствата во Град Скопје со цел да се види актуелната ситуација првенствено во однос на тоа колкава е видливоста за потрошувачката на енергија во домаќинствата, колкав е степенот на нивната информираност за енергетската потрошувачка, како и подготвеноста да направат промени за подобрување на ЕЕ и користење на ОИЕ.
Најмногу троши сообраќајот
Во разговорот за “ФокусВо разговорот за “Фокус” претседателката на Центарот за климатски промени, Бојана Станојевска Пецуровска вели дека ако се анализира структурата на финалната потрошувачка на енергија по сектори, податоците до 2019 година покажуваат дека доминира секторот сообраќај со 40%, па веднаш потоа следува резиденцијалниот сектор односно домаќинствата со 25%.
Интересно е дека оваа категорија на потрошувачи има поголем удел во финалната потрошувачка од индустријата која учествува со 23%. Ова се должи на фактот што и покрај поединечната релативно ниска потрошувачка, станува збор за голем број на потрошувачи, па кумулативната вредност е значителна.
Од друга страна, овој сектор е погоден за инвестиции за подобрување на енергетската ефикасност и користење на ОИЕ, бидејќи станува збор на мали поединечни инвестиции со низок ризик и со релативно краток рок на враќање на инвестицијата.
2020 година рекордна за потрошувачка на струја
Според анализираната потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата по жител, забележливо е дека во периодот 2014 – 2020 година, токму во 2020 се забележани највисоките вредности на овој индикатор (1540kWh/жител). Се разбира и промените во однос на квалитетот на живот и стандардот влијаат врз вредностите на овој индикатор, бидејќи скандинавските земји на пример имаат значително повисоки вредности за овој индикатор споредено со просекот на земјите члени на ЕУ.
Согласно податоците од Eurostat, потрошувачката на електрична енергија во секторот домаќинства по жител во ЕУ во 2020 година била 1.596 kWh. Притоа, одделно кај земјите членки опсегот значително варира, односно од вредности под 1.000 kWh во Романија, Полска и Латвија, до потрошувачка од 4.000 kWh во Финска и Шведска. На овие вредности влијае и изборот на енергенс за греење, климатските услови и степенот на економски развој на земјата, односно квалитетот на живот.
Енергетската сиромаштија и клима уредите
Енергетската заедница врз основа на проценка утврдила дека енергетската сиромаштија во Македонија е 33%, односно тоа е процент од вкупниот број на домаќинства кои не можат адекватно да ги затоплуваат своите домови во текот на зимата. Вредноста од 33% е една од повисоките во регионот на Западен Балкан.
За споредба, на ниво на земји членки на ЕУ, просечната вредност на овој индикатор е околу 10%. Во регионот на Западен Балкан, во полоша состојба се Косово и во Албанија, додека Црна Гора и Србија се со пониски вредности на овој индикатор, односно се поблиску до просекот на земјите членки во ЕУ.
Во последните години , а како резултат на глобалниот пораст ан температурите како последица на климатските промени, земјите од Медитеранот односно Југоисточна Европа се соочуваат со исто така сериозни проблеми во врска со потребната енергија за ладење во летните месеци. Затоа се наметнува потребата од посериозна анализа и на соодветни индикатори кои ја опишуваат и оваа енергетска потрошувачка и нивно вклучување во анализата на енергетската сиромаштија.
Анкетата покажува дека и покрај тоа што огромно мнозинство од испитаниците поседуваат клима уред (94%), сепак речиси 50% од нив го користат клима уредот до 3 часа просечно во текот на денот.
Соња Танеска