Македонците меѓу лидерите во онлајн пазарење: Потребен е заеднички регионален пазар за искористување на потенцијалот на е-трговијата

by fokus

Граѓаните во Македонија се лидери во купување преку интернет во регионот ако се земат предвид бројот на жители и БДП-то на секоја држава, покажува најновото истражување на ЦЕФТА. Сепак, пазарот на е-трговијата има многу поголем потенцијал кој за да се искористи потребно е воведување на измени на регулативата во целиот ЦЕФТА регион. Најновиот патоказ усвоен од ЦЕФТА препорачува воведува на заеднички регионален пазар кој ќе донесе поголеми можности за напредок.

Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Е-трговија станува важна алка во трговската рамка, поради нејзиниот висок потенцијал за зајакнување на економскиот раст, дигитална трансформација и придобивките кои ги носи за граѓаните. Глобалната вредност на е-трговијата достигна 29 милијарди долари во 2017 година, односно 36 отсто од глобалниот БДП.

Европската унија е рангирана на второ место по глобална продажба на е-трговија и води во индексот за е-трговија на UNCTAD што мери до кој степен економиите се подготвени да го поддржат купувањето преку Интернет. На списокот со 152 економии, Европа има 8 од првите 10 места, од кои 6 се земји-членки на ЕУ.

ДО КАДЕ СЕ ЗЕМЈИТЕ ОД ЦЕФТА?

Како и во повеќе сегменти, така и овој, земјите од регионот, а кој се дел од ЦЕФТА договорот, заостануваат и го немаат искористено целосниот потенцијал за е-трговија, покажува најновото истражувања на ЦЕФТА.

Некои проценки покажуваат дека пазарот на физички добра на ЦЕФТА во е-трговија има вредност од околу една милијарда евра и расте за двоцифрена стапка. Е-трговијата на услуги и дигитални производи е далеку помалку развиена и се проценува на 84 милиони евра. Најчести услуги што се купуваат преку Интернет се испорака преку Интернет, билети за настани, апликации, итн.

Од оваа табела може да се види дека пазарот на е-трговија во Македонија во 2019 година изнесувал 142 милиони евра, а Македонците во просек трошеле по 104 евра за е-пазарања. Вкупно 1,4 милиони граѓани пазареле преку интернет во 2019 година.

ЦЕФТА препорачува дека регулаторното и политичко опкружување треба да се подобрат за да се олесни и промовира е-трговијата во ЦЕФТА регионот. ОЕЦД известува за 6 слаби резултати на државите од ЦЕФТА во создавањето на пријателско опкружување за е-трговија за мали и средни компании, особено во врска со спроведувањето и следењето на политиките и регулативата.

БЕЗ ЕВТИНИ И СИГУРНИ НАЧИНИ НА ОНЛАЈН ПЛАЌАЊЕ, ГРАЃАНИТЕ И БИЗНИСОТ НЕМА ДА СЕ ЗАНИМАВААТ СО Е-ТРГОВИЈА

Перформансите во однос на предусловите за онлајн плаќања, како што е сопственоста на сметки, значително се разликуваат во ЦЕФТА државите, при што некои прават едвај 50% од возрасната популација. ЦЕФТА генерално бележи добар напредок во пристапот до инструментите за плаќање, иако сегашните резултати покажуваат дека треба да се продолжи со напорите. Големите меѓународни даватели на услуги, како што е PayPal, или не се присутни на пазарот или нивните услуги се ограничени, со оглед на тоа што тие не поседуваат локална лиценца. Регулаторната средина за плаќања е релативно развиена, но треба да се направи повеќе за да се усогласи со соодветната регулатива на ЕУ.

Во однос на поседување на сметки за онлајн плаќања, Македонците се лидери во ЦЕФТА. Дури 77 отсто од возрасните во Македонија поседуваат некаква сметка за онлајн плаќање, а 49 отсто од граѓаните направиле барем едно онлајн плаќање во текот на изминатата една година.

Директорката на КаСис АД Македонија, Филомена Пљаковска-Аспровска вели дека Република Северна Македонија има сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, поддржано од квалитетно изградени капацитети, високо квалификувани експерти, изградено ниво на доверба и национална и меѓународна соработка во областа на сајбер безбедноста.

Согласно статистиките и анализите за 2019 година со растот на употребата на информациско-комуникациските технологии каде 90% од населението користи Интернет –и при тоа 84.% и 81,7% преку коппјутер постои загриженост и засегнатост од можни злоупотреби.

„Но, да не бидеме и премногу загрижени зашто од вкупната популација, 75% презема одредени мерки за безбедност при користење на уредите, а 60% знае што е сајбер безбедност. Исто така анализите индицираат рапиден раст на бројот на виртуелни трговци од 29%во третиот квартал од 2020 во однос на 2019та година а бројот на трансакции е 61 % повисок во третиот квартал од оваа година во однос на минатата што ја отсликува промената во навиките на купувачите и неопходноста од електронските канали за плаќање.“, вели Пљаковска-Аспровска.

 

СО ЦЕФТА РЕГИОН БЕЗ ЦАРИНИ ЗА Е-ТРГОВИЈА ДО ИСКОРИСТУВАЊЕ НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ

Директорката на е-трговија на Sport Vision, Зорана Милидраг, вели дека дигиталните клиенти се најсложените, а во овој регион сè уште треба да продолжиме да работиме на целокупниот дигитален екосистем. Континуираното и долготрајно едуцирање и на клиентите и на заинтересираните страни во е-трговија се клучот за напредок.

„Еден од најголемите предизвици во е-трговијата е професионален развој на вработените. Луѓето во нашиот регион немаат доволно искуство и знаење во е-трговијата, додека клиентите се однесуваат интуитивно и тие секогаш се чекор пред нас. Треба да го смениме тоа затоа што треба да ја водиме играта.“, вели Милидраг.

Во однос на тоа што треба да се преземе за подобрување на е-пазарот, таа вели дека решението е во креирање на поголем пазар со воведување ЦЕФТА регион без царини за е-трговија,

„Ако сакаме правилен раст на е-трговија во нашиот регион, потребна ни е централизација. Со централизиран пристап можеме да добиеме повеќе подобрувања. За да го сториме тоа, потребна ни е подобра логистичка инфраструктура и подобри услуги.Второ, но не помалку важно, владите треба да ги променат и прилагодат процедурите. Ако сакаме непречено искуство со клиентите, треба да имаме и одлично искуство на лице место и брза испорака. Има дел што треба да се подобри од страна на самиот бизнис, а има и дел и процедури отколку што треба да ги менуваат владите.“, заклучува Милидраг.

 

ШТО ПРЕПОРАЧУВА ЦЕФТА ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА Е-ПАЗАРОТ ВО РЕГИОНОТ?

Во своето најново истражување и анализа, ЦЕФТА дава насоки како потенцијалот кој го има е-трговијата во регионот може повеќе да биде искористен. Работите кои треба се да преземат се класифицирани во следниве точки:

-Усогласување: идентификување на клучните правила и стандарди што ќе создадат добра основа за прекугранична електронска трговија, што ќе биде основа за градење доверлива и овозможувачка околина

Интеграција на пазарот: воведување принципи што ќе им овозможат на компаниите да работат на повеќе пазари без да мора да се движат низ разновидни регулаторни рамки, на пр. аранжман за заемно признавање или принцип на внатрешен пазар

Транспарентност и олеснување – поставување инструменти за транспарентност кои ќе обезбедат релевантни информации за регулаторите и деловните субјекти за намалување на трошоците поврзани со асиметријата на информации, како и посебни процедури што ќе овозможат поефикасно исполнување на регулаторните барања

Институционалната и административната соработка се однесува на соработка меѓу регулаторите и креаторите на политики, за градење доверба и ефикасно управување со прекуграничните прашања, како и поставување регионални инструменти што ќе ја олеснат соработката во администрацијата и спроведувањето на преземените обврски (на пр. Поставување на електронски систем за размена на податоци)

ЦЕФТА експертот Здравко Илиќ обајаснува дека патоказот за е-трговија на ЦЕФТА, одобрен оваа година, е изграден околу 4 групи бариери, идентификувани во тесна соработка со деловни организации, како што се здруженија за е-трговија, трговски комори и компаниите директно.

Вели дека нивната работа е да ги внесат седумтте пазари на ЦЕФТА во заеднички регионален пазар, кој ќе биде достапен за сите компании во регионот.

„Можеме да го сториме тоа со минимизирање на трошоците. Врз основа на искуството од ЕУ, сакаме да им овозможиме на сите наши компании усогласеноста со домашните правила да значи во голема мера усогласеност со правилата за регионот. За да се случи ова, треба да се договориме за заеднички правила засновани на оние од ЕУ, кои ќе се применуваат еднакво на целиот регион. Следно, треба да воспоставиме транспарентност на цените на поштенската испорака и да промовираме соработка помеѓу превозниците, со цел да имаме ефикасна испорака од еден пазар на ЦЕФТА на друг.“, вели Илиќ.

Иличиќ додава дека придобивките од заедничките регионален пазар ќе бидат многу големи за сите.

„Целокупните пазари на ЦЕФТА се проценуваат на една милијарда евра со 20 милиони потрошувачи. Ова е пазар што може да ги мотивира компаниите да инвестираат во средства и луѓе потребни за дигитализирање на нивниот бизнис. Малите пазари повлекуваат мали инвестиции што резултираат во заостанување зад нашите врсници во ЕУ. Овозможување доволно голем пазар за е-трговија на компанија, значи да им помогнете да се трансформираат за да се претворат во потенцијал на дигиталната економија, т.е. да стигнат до потрошувачите ширум светот преку Интернет, алатки за маркетинг на Интернет, отворен трговски објект без прекин и можност за насочување кон таргетирани пазари. За малите компании кои немаат доволно ресурси да инвестираат во агенти и саеми, онлајн продавницата може да биде единствениот начин за извоз.“, заклучува Илиќ.

Поврзани новости