Македонците ќе кршат јајца во Бугарија и Грција

by Фокус

Продолжениот викенд за време на христијанскиот празник Велигден за голем број на наши сограѓани е одлична можност за неколкудневен одмор во соседството. Веќе добар дел на Велигденските ангажмани во туристичките агенции се распродадени, а најчести дестинации се Бугарија и Грција.

Најголем бил интересот за тридневните пакети во хотели во Банско, Бугарија, каде се нудело сместување на база All inclusive по цени од 100 евра, па нагоре од лице. Во понудите е вклучена и празнична Велигденска вечера, најчесто со жива музика. Имало голема побарувачка и за еднодневните пакети во Банско, кои се нуделе по цена од околу 50 евра за две лица, а во нив бил вклучен појадок, Велигденски ручек, вечера и ноќевање. Хотелите располагале со сауна, базен, парна бања, амам, а се нуделе и различни видови на масажи, информираат од неколку познати туристички агенции.

Во Грција, агенциите нудат пакети за празникот по цени од 25 евра, па нагоре од лице, за сместување во апартмани. Хотелското сместување со појадок, ручек, вечера и Велигденска забава се движи од 40 евра, па нагоре. Се нудат аранжмани во Неи Пори, Олимпик Бич, Паралиа, Неа Каликратиа, Коринос, Геракини и други.

За оние со подлабок џеб, атрактивни се понудите за Париз, Франција, каде за четири ноќевања со автобуски превоз цената изнесува околу 300 евра од лице. Три ноќевања во Рим, Италија, со автобуски превоз изнесува околу 250 евра од лице, Венеција, со три ноќевања е околу 140 евра, Азурен Брег со три ноќевања за околу 220 евра, Минхен со три ноќевања за 230 евра, Прага, три ноќевања за 170 евра, Барселона, пет ноќевања за околу 500 евра.

Од повеќе туристички агенции ни потврдија дека интересот е голем, и пакетите биле распродадени уште пред неколку недели. Покрај тоа, голем е бројот и на граѓани кои традиционално секој Велигден го минуваат во Бугарија или Грција во сопствена режија. Доказ за тоа се долгите колони на граничните премини, па минатата година за влез во Грција и во Бугарија на граничните премини се чекаше и повеќе од два часа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости