Македонските универзитети ги нема меѓу најдобрите 1.000 на Шангајската листа

by fokus

Ниту еден универзитет од Македонија не е на Шангајската листа со најдобри 1.000 универзитети што ја објави „Шангај ренкинг“. Листата ја предводи американскиот „Харвард“, следува „Сенфорд“, а на третото место е британскиот универзитет „Кембриџ“. Од земјите од регионот највисоко котираат универзитетите во Атина и во Белград (меѓу 300 и 400 најдобри), додека Универзитетот „Аристотел“ во Солун, Националниот технички универзитет во Атина и Универзитетот во Љубљана се најдоа меѓу 400. и 500. место.

На листата со десетте најдобри се најдоа исклучиво универзитети од САД и од Обединетото Кралство. На четврто место е Институтот за технологија од Масачусетс (МИТ), а потоа се Беркли, Принстон, Оксфорд, Колумбија, Калифорнискиот институт за технологија и универзитетот во Чикаго.

Од Европа, по Обединетото Кралство, следува Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих (на 19. место), Универзитетот од Копенхаген (29. место), Сорбона (36. место) и Париз-Суд (42.) во Франција, Каролински институт во Шведска (44.). До високите позиции на 50 најдобри стигнаа и германските Хајделберг и Техничкиот универзитет во Минхен.

Универзитетот во Загреб е меѓу 500 и 600 најдобри, а меѓу последните сто се рангирани Софискиот и Универзитетот во Нови Сад.

Поврзани новости