Македонските и бугарските историчари не ги надминаа разликите за учебниците по историја

by fokus 16:59
16:59

Дискусијата на 13-та средба на Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, што се одржа вчера и денеска во онлајн формат, во најголем дел се водеше за пристапот и формата на препораките за учебниците, при што останаа големите разлики во пристапот и погледите како да се формулираат препораките за учебниците по историја за седмо одделение, информира македонскиот тим во Комисијата.

– Од македонска страна беа предложени неколку идеи како да се надминат точките во учебниците кои имаат потенцијал да ја политизираат историјата и со тоа да поттикнуваат нови или ги одржуваат во живот политичките спорови, се наведува во соопштението.

- Advertisements -

Од македонскиот тим потестуваат дека откако на претходните средби беа дискутирани учебници во Бугарија по историја за 6 клас, членовите на Комисијата водеа исцрпна дискусија за забелешките на бугарските колеги за македонските учебници по историја за седмо одделение.

– Македонската страна ќе продолжи да инсистира на почитување на принципите и препораките на УНЕСКО, Советот на Европа и други релевантни меѓународни и академски институции како најсоодветен начин за надминување на историските спорови и деполитизирање на историјата и историското образование и исполнување на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан помеѓу Република Македонија и Република Бугарија во 2017 година, се истакнува во соопштението.

Од тимот нагласуваат и дека поради долгата и исцрпна дискусија за учебниците, темата за заедничко чествување на Гоце Делчев не била воопшто дискутирана на средбата.

– Во текот на средбата двете страни успеаа да го усогласат записникот од 11. средба, а беше договорена и средба на која ќе се усвои и Вториот годишен извештај, кој е неопходен за да се одржи меѓувладината конференција. Следната редовна средба на Комисијата ќе се одржи на 10 и 11 јуни, се додава во соопштението.

Поврзани новости