Македонските фолкери се вратија без награди од Бугарија

by Fokus

За време на викендов во Сандански, Бугарија се одржа дваесет и шестото издание на популарниот фестивал на народни песни ,,Пирин Фест – Сандански’’.

Фестивалот е еден од најреномираните музички настани на кој се изведуваат авторски песни од македонската фолклорна област во Бугарија. Во петокот се одржа детскиот дел од фестивалот, во саботата натпреварувачката вечер, а пак вчера гала вечерта на која се доделија наградите.

Традиционално, секоја година пред бугарската публика настапуваат голем број на наши музичари. Сузана Спасовска, Благица Павловска, Мишко Крстевски, Наум Петрески, Јасмина Мукаетова, Сузана Гавазова, Душко Георгиевски, Зуица Лазова и многу други фолк пејачи од земјава биле дел од учесниците на фестивалот, и речиси сите освоиле некоја вредна награда во минатото.

Годинава, како специјален гостин на ,,Пирин Фест’’ во саботата настапи фолк ѕвездата Наум Петрески, додека пак во натпреварувачкиот дел од Македонија учествуваа Петар Нечовски и Сања Ристеска во дует со бугарскиот пејач Иво Попов. Петар настапи со авторската песна ,,Запејте ми другари’’, додека Сања и Иво со нумерата ,,Чудо ли е љубовта’’.

Тамошните медиуми за нивниот дуетски настап пишуваа – Македонија и Бугарија се претставија фатени рака за рака на меѓународниот фестивал. Сепак, и покрај интересот за нив, на финалната гала вечер која се одржа вчера, нашите пејачи не се пласираа помеѓу првонаградените.

Првите награди завршија кај пејачите од Бугарија. Инаку, наградниот фонд на ,,Пирин Фест’’ за нова авторска песна од македонската фолклорна област изнесува 1.500 лева (околу 47.200 денари) за прво место, 1.000 лева ( околу 31.400 денари) за второ место и 700 лева (околу 22.000 денари) за трето место.

Наградите пак за најдобри исполнители се 700 лева за прво место, 350 за второ и 150 за трето место. Освоените суми се делат на 40% на композиторот, 20% на текстописецот, 20% на аранжерот и 20% на исполнителот на песната.

Вики Клинчарова

Поврзани новости