Македонски пасош добил и еден од главните соработници на италијанската мафија, обвинува ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Освен припадници на црногорско – српскиот Шкаљарски клан, македонски пасош добил и еден од главните соработници на италијанската мафија, соопшти денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

-Валид Иса Хмаис кој важи за главниот перач на пари од трговијата со кокаин на италијанската наркомафија на 09.01.2019 година во Скопје во регуларна постапка се сликал во управните служби на МВР, а потоа и го подигнал македонскиот пасош со украден идентитет на Македонец од Корча, Вурмо Таќо роден 1965 година. Дали е ова вистина или како што нарекуваат од СДСМ само перцепција? Валид од 2017-та година е во бегство во повеќе држави во светот, а по добивање на македонскиот пасош на име Таќо Вурмо, два пати во месец јануари 2019 година го искористил македонскиот пасош и преку аеродром Петровец заминал за Турција, рече Мисајловски.

Според последните информации објавени во италијанските медиуми Мисајловски вели дека тој наводно се наоѓа на островската држава Маврвициус.

-Македонија станала Колумбија на Балканот. Не смее оваа афера да заврши со одговорност само на службеници. За аферата „Мафија“ морале да знаат и одговорните лица во МВР и Владата. Зашто нема никаква потерница по овие лица кои добиле легален македонски пасош со скриен или лажен идентитет? Мафијаши од ваков калибар влегувале во македонската полиција да се сликаат, и сакаат сега од владата на Заев и Спасовски да не уверат дека ниту еден полициски службеник не приметил дека станува збор за исклучително опасни луѓе?, праша Мисајловски.

Поврзани новости