Македонски алпинисти го искачија хималајскиот „монструм“ Ама Даблам: На врв плачевме од среќа!

by Fokus

Македонските алпинисти Ирина Дишовска и Лазо Миновски на 23 октомври во 9 часот по локално време го искачија врвот Ама Даблам (6812 метри) на Хималаите.

Овој е еден од врвовите кој бара најдобра физичка подготовка и психичка сила за негово искачување, а Дишовска и Миновски не ја криеја среќата за нивниот подвиг.

 

 

„Стартувавме на полноќ, а јас го дадов последниот атом енергија во себе да се изборам со овој монструм. Ама Даблам е многу повеќе од „хималајски врв“. Тој бара многу повеќе енергија од повеќето врвови што се на 8000 метри на Хималаите. Почитуван од цела хималајска фела. Не можат да се опишат емоциите. Ме скрши на пола, но ми дозволи да го допрам со сета своја убавина“, вели Дишовска.

И нејзиниот партнер во овој подвиг, Лазо Миновски доживеал емотивен момент при стапнувањето на овој хималајски врв.

„На врвот имав солзи во очите. Скоро да заборавив на ладното и исцрпеноста која ја имав. Со Ирина работевме напорно оваа година и желбата ја остваривме“, додава Миновски.

Интересно е тоа што Дишовска и Миновски, кои биле единствени од македонската експедиција, заедно со еден Шпанец и Пољак биле први кои стапнале на врвот за оваа година. Експедицијата од Македонија еден месец беше во Непал, работејќи на аклиматизација во камповите, по што следело искачувањето кон нивната цел.

Како што ни раскажа Дишовска, на Ама Дамблам паднало снег еден метар, нешто што не се случило во последните 15 години. Претходно, за искачување на овој врв се откажале португалски, американски и швајцарски експедиции.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости