Македонска народна песна за првпат ќе одекне во Античкиот театар во Охрид: Влатко Миладиноски ќе го скрши мразот!

by fokus

Ова лето, на 7-ми август, македонската народна песна ќе одекне онаму каде што досега не се слушнала, во величествениот Антички театар во Охрид. За првпат во историјата на оваа култна сцена, концерт ќе одржи фолк изведувач – Влатко Миладиноски, еден од најмоќните и најпочитувани вокали на македонската народна музика, известуваат од тимот на Миладиноски.

Додаваат дека младиот музичар е познат по својата длабока емоција, силна патриотска порака и автентичен пристап кон музиката, и со години е еден од најпосакуваните пејачи кај публиката која го негува духот на традицијата.

-Неговата интерпретација на „Велат не нема“, песна што ја опева македонската мака, гордост и копнеж, стана симбол на носталгија, национално единство и љубов кон татковината.

Концертот во Охрид нема да биде само уште едно музичко случување, туку вистински настан од културно и историско значење. Под отворено небо, во магичната атмосфера на Античкиот театар, Влатко Миладиноски ќе настапи во придружба на големиот оркестар предводен од неговиот брат Златко Миладиноски, кој со децении е синоним за автентична македонска музика.

Оваа вечер ќе биде посветена на сите што ја носат Македонија во срцето, на сите генерации кои со песните на Влатко растеле, се радувале, плачеле и се гордееле. Ќе се изведуваат најголемите хитови од неговиот богат репертоар, песни кои не се само музика, туку сведоштва за времето, народот и душата на оваа земја, информираат од ПР тимот на Миладиноски.

Инаку, во Античкиот театар во Охрид, секое лето се одржуваат концерти на регионални музички имиња, како и на домашни изведувачи на забавни мелодии. По концертот на Миладиноски, на осми август концерт ќе одржи Владо Јаневски, а пак на девети август ќе настапи групата Галија.
Пред тоа пак, на 19-ти јули пак, ќе настапи Игро Џамбазов и Гуру Харе.
За летово се најавени концерти и на Ѓоко Танески, Нокаут, Жељко Бебек, Тамара Тодевска, Дац и Александар и Queen Real Tribute.

Вики Клинчарова

Поврзани новости