Македонките славеа Осми Март со оро и жива музика во Мелбурн

by fokus

Стотици Македонки го прославија Денот на жената Осми Март во ресторан во Мелбурн, Австралија, со оро и жива музика, а фотографии и видео снимки од забавата ги преплавија социјалните мрежи.

Настанот се случуваше во Емералд Рецепција, популарно збиралиште на нашата дијаспора, а атмосферата која може да се долови од објавите, наликува на голема и весела свадба, од времето пред пандемијата.

Инаку, во Мелбурн, лани во јуни беа спроведени најстроги мерки поради епидемијата со корона вирус. По повеќе од сто дена карантин, лани во ноември за прв пат беше регистриран ден без нови случаи на вирусот, по што започна олеснувањето на рестрикциите.

За разлика од повеќето развиени земји, Австралија имаше ригорозен пристап кон пандемијата, и од самиот почеток спроведува широко тестирање, имаше затворање на границите, заклучувања и строг хотелски карантин за патниците.

Кога во февруари требаше да се одржи првиот грен слем во годината, Австралија опен во Мелбурн, тенисерите беа сместени во хотел, во двонеделен карантин, а поради позитивно лице вработено во хотелот, дури 1.200 лица беа тестирани.

Според статистиките, до денес во Австралија се регистрирани 29.037 случаи на корона вирус, а 909 лица починаа од почетокот на пандемијата. Активни се 1.934 случаи. Во тек на вчерашниот ден биле регистрирани девет нови случаи.

Земјата спаѓа во ретките во светот која успешно се справува со вирусот. Во различни делови на земјата се актуелни мерки, според ризикот од заразата. Во Сиднеј и Волонгонг на пример, каде живеат голем број на наши иселеници, дозволени се свадбени свечености и погреби на кои можат да присуствуваат до 300 лица, до 30 лица можат во исто време да танцуваат на подиумот, а за веселбите во домашна атмосфера, дозволено е присуство до 50 лица, вклучително деца и возрасни.

Вики Клинчарова

Поврзани новости