Македонија

by Fokus 13:50
13:50

Пишува: Ѓорѓи СПАСОВ

Македонија за Грците е само историско сеќавање на Александар и Филип Македонски, кои ја напаѓале Атина и ги победувале Грците кои Македонците ги сметале за варвари

- Advertisements -

Македонија за нив е можеби и непријатно сеќавање на граѓанската војна во Егејскиот дел од Македонија по која ги протерале Македонците, населиле голем број Грци протерани од Мала Азија, а преостанатите ” славомакедонци” до ден денешен присилно ги асимилираат. Македонија за нив денес е само регион во составот на нивната држава кој и не им најважен во животот.

Македонија за Бугарите е лажна приказна во нивната свест за наводно “најроматичниот период од нивната историја”.Таа лажна приказна е створена од бугарските историчари и политичари кои сите војни за заграбување на туѓи територии го прикажуваат како борба за “ослободување на нивните браќа” кои наводно по поделбата на Македонија останале под робство на Србија и Грција. Врз основа на таа лажна приказна изграден е митот дека постојат само “македонски Бугари” и секој што поинаку мисли и изјавува е “фалсификатор” на историјата а тие Македонци во Бугарија што себе си не се сметат за Бугари, изложени се на силен прогон и асимилација.

И за Бугарија денес, Македонија е мал регион кој останал во составот на нивната држава во кој се пеат македонски песни кои тие ги сметаа за бугарски и соседна држава која со уцени треба да се откаже од сопствената историја.

За нас Македонците во денешна Северна Македонија, како што прифативме да ја наречеме државата во која денес живееме и за сите Македонци од трите дела раселени низ светот, Македонија е татковина. Нешто што се сака и се чува со голема љубов.

Македонија за нас е сонот за наша независна држава, за слобода; за ослободување од туѓите поробувачи.

Македонија за нас е песна што се пее и земја опеана.

Македонија за нас е легенда и стварност во која и со која живееме.

Македонија за нас е болно сеќавање на сите жртви за нејзиното создавање и ослободување , сеќавање на сите прогонети и раселени и на тажната судбина на Македонците низ историјата.

Македонија е збор што го изговараме со восхит и почит и и збор што чуваме од заборавот . Ние искрено говориме за нашата мајка Македонија.

Ние го сочувавме зборот Македонија од заборав и тоа име на библијската земја за навек. Создадовме единствена држава во светот која во своето име го има зборот Македонија. Станавме држава меѓу државите и македонски народ меѓу народите со свој јазик, култура и историја.

Затоа го славиме тој возвишен збор Македонија и сите Илиндени низ кои се создаваше денешната наша татковина.

Македонија е приказна за нас Македонците кои што по сите завојувања и уништувања како пиреј продникнуваме и не дозволуваме да бидеме искоренети .

Македонија е се што имаме.

И каква е таква е. Ние ја сакаме. И колку сме токму сме што би рекол поетот и горди сме.Славиме со достоинство и гордост.

 

Поврзани новости