Македонија со низок процент на доени бебиња

by fokus

Малата Елена е тримесечно бебе кое уште од моментот на раѓањето е на екслузивно доење, односно нејзината главна исхрана е мајчиното млеко. Таа е прво бебе во семејството, што значи дека нејзината мајка за првпат се соочува со дилемите, дали нејзиното бебе е доволно најадено, на колку време треба да го дои, како се одвиваат ноќните подои, односно работи што ги мачат сите новопечени мајки. Сепак, таа веќе има пракса и вели дека секогаш сметала дека мајчиното млеко е најздраво и најкорисно за едно доенче.

Уште пред да се породам, а и сега сметам дека мајчиното млеко е најздрав начин на исхрана за едно бебе. Тоа во себе ги содржи сите витамини и минерали кои му се неопходни на едно доенче за да стекне имунитет и да го заштити од многу други заболувања. Нема потреба да се споменува дека освен тоа што мајчиното млеко е најкорисно за едно бебе, тоа е најисплатлив начин на исхрана, со оглед на тоа што за него не се трошат пари – објаснува 28-годишната скопјанка Марија С.

Сепак, не сите мајки можат да ги дојат своите бебиња, па голем е и бројот на новороденчињата кои од првиот ден од своето рагање се ставени на млечна формула, односно познато во јавноста како адаптирано млеко. Постојат разни причини зошто тие бебиња не можат да бидат доени, како на пример, мајката нема млеко, принудена е поради некое заболување да пие антибиотици…Една од нив е скопјанката Весна, чие бебе сега ќе наполни пет месеци.

Моето бебе уште од раѓање е на адаптирано млеко. И покрај бројните апели на лекарите и медицинскиот персонал дека мајчиното млеко е најкорисно за едно новороденче, јас ја немав таа можност бидејќи немав доволно млеко, со што само повеќе би го мачела, односно да биде гладно и да плаче. За сите бебиња што се на млечна формула не се виновни мајките, туку мора да постои некоја сериозна причина за тоа. Многу лошо во нашето општество е што веднаш сите ја осудуваат мајката дека не го дои своето бебе, како таа да не сака – тврди 34-годишната мајка.

Кога жената за првпат станува мајка, таа се соочува со сосема нов начин на живот почнувајќи од моментот на раѓањето на бебето. Таа прво што ќе слушне во болницата е дека новореденчето мора да се дои. Меѓутоа, поради различни причини дел од родилките често се соочуваат со еден проблем при доењето, а тоа е добивањето на лактациски маститис. Кога кај мајката ќе се појави висока температура, тоа е само еден показател дека се работи за маститис кој треба веднаш да почне да се превенира со антибиотици со цел да се спречат поголеми компликации како апцес. Според лекарите, мајката треба да продолжи да се охрабрува да продолжи со доењето со цел да се испразни дојката и на тој начин да се забрза закрепнувањето. Но, не е тоа така едноставно како што пишува во упатството на министерството за здравство од 2015 година за медицинско згрижување при лактациски маститис. Факт е дека во Македонија работите се секогаш многу подобро опишани на хартија, отколку во реалноста.

Како први симптоми при добивање на лактациски маститис се температура повеќе од 38,5 целзиусови степени, црвена, топла и чувствителна површина на зафатените дојки, како и тоа дека пациентките постојано имаат чувство како да имаат грип. Според упатството на ресорното министерство, одлуката за лекување обично не бара лабораториски испитувања, клиничката слика е доволна. Антимикробни средства, исто така можат да се препишуваат по телефонска консултација, доколку симптомите се краткотрајни. Во упатството, исто така се наведува дека антибиотици треба да се препишуваат веднаш ако пациентката е фебрилна. Но, доколку пациентката останува афебрилна и без очигледни апцеси, третманот се состои само во мониторинг и ефективно празнење на дојките. Најверојатно, причина е надоаѓање на млеко во млечните жлезди.

Во упатството понатаму се објаснува дека со примена на топлина, фен, шише со топла вода, топол туш пред доење помага во испразнување на дојките. Мајката треба да се советува да бара помош без одлагање, доколку стане фебрилна.Исто така, во упатството се наведени и лековите кои треба да се користат како терапија, како и тоа кои се симтомите на апцес.

Сепак, тоа е само на хартија. Голем проблем претставува тоа што на родилките кои се соочуваат со ваков проблем нема да им текне да го отворат упатството на министерството за здравство за да прочитаат како би  требало да реагираат ако се соочат со лактациски маститис. Од нашите разговори со неколку од нив заклучивме дека тие не знаат ни каде да се обратат, а како што тврдат ако се обратат кај педијатрите, тие ги препраќаат кај гинеколозите и обратно, тврдејќи дека тоа не е нивна работа. Па, така настануваат дополнителни компликации и за мајката и за детето. Факт е дека родилките не знаат каде да се обратат во случај да добијат маститис па затоа губат време со недели по здравствените лавиринти.

Во Македонија веќе подолг период функционира Подкомитетот за промоција, заштита и поддршка на доењето при министерството за здравство на чие чело стои доктор Мими Кимовска-Христова, специјалист педијатар од скопската Клиника за детски болести. Темата доење најактуелна е во периодот од 1 до 7 август кога традиционално се одбележува Светската недела на доењето.

Според доктор Христова, доењето е исклучително важно не само за новороденчињата, туку и за децата над 28 дена, односно еден месец, а тоа се доенчињата и за децата до двегодишна возраст.

Тоа е важно бидејќи преку него се внесува точно колку му е потребно на едно бебе од сите потребни состојки, јагленихидрати, протеини и масти. Мајчиното млеко содржи и минерално материи, олигоелементи кои што се многу важни за развојот на органите на бебето, посебно за развојот на мозокот. Преку мајчиното млеко се зајакнува имунитетот затоа што ги содржи сите оние фактори наречени имуноглуболин, кои можат да спречат разни заболувања, како респираторните. Доењето е најважно во првиот месец, односно многу е важно да се внесе колострумот од мајката што се излачува првите денови по раѓањето. Во тие 15 дена се излачуваат посебни фактори кои се неопходни да се обложи слузницата на новороденчето и да го заштити од одредени заболувања – тврди доктор Христова.

Таа додава дека ниту едно млеко не може да се спореди со мајчиното млеко.

Колку да ве убедуваат фармацевтските компании дека адаптираното млеко е слично на мајчиното, тие не можат да го заменат. Сите тие фактори кои се внесуваат преку мајичното млеко не можат никогаш да бидат внесени преку адаптираното млеко. Процентот на калциум и фосфор се разликува во млекото на една мајка што дои предвремеродено дете во однос на оние формули што се прават за предвремеродено бебе. Од мајчиното млеко калорискиот внес е разликува, мајчиното млеко е природно, не е прашкасто и разматено со вода. Количината на водата, количината на калориите што се внесуваат не можат да бидат опасност за дебелеење на детето. Детето треба да се заштити од обезност од најмалата возраст, односно од првиот ден. Обезно дете е она што е послабо отпоорно на болестите и понатаму создава услови за други заболувања како на пример дијабет“ – додава претседателката на Подкомитетот.

Факт е дека Македонија е општество во кое се осудуваат мајките кои не ги дојат своите бебиња, без оглед кои се причините за таквата одлука. На оваа тема, исто така поразговаравме со доктор Христова, која истакна дека никој не може да ги осуди мајките кои што не ги дојат своите деца бидејќи сигурно постојат оправдани причини за тоа.

Општеството не смее да ги осудува мајките кои не ги дојат своите бебиња, сигурно имаат медицински причини. Тоа може да биде и од страна на мајката, како и од страна на бебето. Во тој случај се применуваат адаптираните формули. Не сум слушнала дека некој ги осудува тие што не можат да дојдат. Но, јас прва би ги осудила тие што можат да дојат, а не сакаат, е тоа е од себични причини. Мајката може да прекине со доењето од различни стресови, да прекине да го излачува млекото. Сепак, она што многу е важно да се игнорираат фармацевтските компании и мајчиното млеко да биде на прво место. Мајката треба да дои било каде и било кога. Тоа е како догма во нашето општество. Можеби треба да се зголеми свесноста на работодавецот дека мајката која што тргнала на работа не треба да прекине со доењето, туку да и биде дозволена пауза за да го подои своето дете – вели доктор Христова.

ВО МАКЕДОНИЈА НА ДОЕЊЕ ДОСЕГА СЕ 32 ПРОЦЕНТИ НА БЕБИЊА ДО ШЕСТМЕСЕЧНА ВОЗРАСТ, ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА БРОЈКАТА И ДО 60 ПРОЦЕНТИ

Во Македонија постои обука на персоналот, во родилиштата, односно во неонтолошките одделенија.

Таа обука се спроведува и од медицинскиот персонал, а помагаат и невладините, особено поддршка на обуката даваат од СЗО и УНИЦЕФ, кои што преку свои програми помагаат да се обучи персоналот, а потоа да се обучат и мајките. Исто така, изработена е и брошура и од минатиот и од сегашниот Комитет за поддршка и заштита на доењето. Таа брошура доволно зборува за ефикасноста на мајчиното млеко и за доењето. Овие брошури се споделуваат на мајките, односно патронажните сестри ги носат со нив и ги споделуваат на мајките за да се стимулираат дека мајчиното млеко е најважен подарок за бебето – додава доктор Христова.

Комитетот за заштита функционира преку средби и состаноци, на кои што се водат записници, а секој еден член добива одредена задача, односно да изработи некоја акција што ја планираме. Понатаму, како што тврдат од Подкомитетот, со поддршка од министерството за здравство, тие и невладините организации од кои дел членуваат во Подкомитетот редовно нивните состаноци ги преточуваат и во акции, редовни се по медиумите, одат директно на терен и секој од нив го прави тоа поединечно на своето работно место како педијатри.

Не постои родител кој се обратил кај мене како педијатар, а да не добие совет“ – тврди докторката.

Според СЗО и УНИЦЕФ, и последните анкети од 2018 година процентот на доењето е различен во различни земји. Највисок процент на доење има во неразвиените и средноразвиентие земји. Најголем процент на доење имаат афричките земји, Перу, Мадагасакар, Бута, во Ирска пак дојат само 55 проценти до шестмесечна возраст. Екслузивното доење е помало како процент во високоразвиентите земји, во САД на глобално ниво е 77 проценти, додека во Шпанија, 76 проценти.

Доењето превенира мајчина смрт и смрт на детето и штити од канцер на градите и јајниците на мајката, што значи дека не е само важно за бебето, туку и за мајката. Во посиромашните земји доењето трае подолго, додека во високоразвиените земји, мајките заради кариерата се одлучуваат порано да го прекинат доењето. Во светски рамки, 7,6 милиони бебиња во една година не се доени, што е за жал голема бројка. Доењето може да заштити 820 илјади деца под петгодишна возраст, особено ги штити децата под шестмесечната возраст – вели претседателката на Подкомитетот.

Во последните неколку години, Македонија е смета дека има понисок процент на доење, а тоа го покажува и последната статистика од 2014 година, каде што последната бројка е 32 проценти на доени бебиња до шестмесечна возраст. Се очекува последните статистики да бидат готови до крајот на годината.

Последна објавена стстистика од УНИЦЕФ за Македонија е постара, мислам со промоцијата на заштита на доењето успеваме да го зголемиме процентот на доење. Постои една бројка дека раното започнување на доењето, односно во првите часови од раѓањето некаде е 21 процент. Според последните информации, кои единствено ги имаме од 2014 година, ексклузивното доење е 23 проценти, а континуираното доење до 23 месеци е некаде околу 13 проценти годишно. Сега со последните статистики што треба да излезат до крајот на годината очекуваме таа бројка да достигне до 60 проценти – објаснува доктор Христова.

ДОЕЊЕТО Е НАЈЕВТИН И НАИСПЛАТЛИВ НАЧИН НА ИСХРАНА

Доктор Мими Кимовска-Хритова додава дека доењето е наједноставниот и најевтиниот начин на исхрана на бебето.

Затоа во нискоразвиените земји е најзастапено и со највисок процент, со оглед на тоа што семејствата таму не можат да си дозволат луксуз да купуваат адаптирани млека. А, во исто време знаејќи или незнаејќи го прават најдоброто за своето бебе – вели претседателката на Подкомитетот.

СТРАНАТА „ЗДРАВА БРЕМЕНОСТ“  НЕ ФУНКЦИОНИРА

Од пред четири години на социјалните мрежи, поточно на фејсбук функционира страницата „Здрава бременост“, која се води како владина страница преку министерството за здравство. Таа беше најавена како полесен начин на идните мајки и родилките да комуницираат со лекарите. Во текот на 2016 година, на фејсбук страната се редовно се објавуваше име и презиме на лекар на кои идните мајки и родилките можеа да му поставуваат прашања. Тоа траеше само неколку месеци, а тоа што можеме сега да забележиме последните активности на оваа страна се за време на Светската недела на доењето, односно објавени се неколку линкови од текстови објавени во медиумите. И тоа е се. Првичната замисла отиде во вода.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости