Македонија resorta или 4 seasons

by fokus

Знам луѓе кои за check out даваа и повеќе од 10 милиони евра гаранција, но одговорните немаат ниту слух, ниту разум да го прифатат тоа. Постоела опасност од бегство, ќе речат, а нормален само ќе им се насмее и ќе рече, па нека бега

Звонко ДАВИДОВИЌ

Луксузни хотели и ресорти на повеќе од 100 локации низ светот ќе биде резултатот на вашето пребарување на интернет ако барате и сте напишале 4 seasons. Сликите на хотелите и ресортите ќе ве воодушеват, а понудите и луксузот ќе ги задоволат барањата и хировите и на најпребирливите.

Четири годишни времиња (Le quattro stagioni) е популарно име за циклус од четири концерти за виолина и оркестар, дело создадено од италијанскиот композитор Антонио Вивалди и е една од опциите што ќе ви излезе при пребарувањето на 4 seasons.

Пица, област во Италија, ресторани, градини и уште многу нешта ќе се појават кога го пребарувате поимот 4 seasons. Но, она што сигурно нема да го добиете како резултат и што сигурно не сте го знаеле е дека и ние во Скопје имаме хотел, сместувачки капацитети и ресорт под името 4 seasons или 4 сезони.

РЕСОРТИ СО ЅВЕЗДИЧКИ

Одморалиште или како денес тоа модерно го нарекуваме употребувајќи англиски збор, resort, е генеричко име за сите оние места кои на луѓето им служат за одмор и сместување. Угостителство, пак, е услужна стопанска гранка, чија основна цел е долгорочно задоволување   на општествените потреби за  сместување, исхрана и пијалаци со примена на посебни техники на угостителско-хотелското сместување. Хотелите и ресортите се категоризирани и носат ѕвездички, а оние најлуксузните што ги исполнуваат потребните услови носат пет ѕвездички и ознака (Luxury).

Рецепцијата на ваква категорија хотел треба да биде отворена 24 часа дневно, за сите гости треба да е на располагање вратар или лице задолжено за паркирање возила. Исто така, треба да постои и лице за носење на багажот до соба. Предворјето треба да биде пространо, со простор за седење и бар. Секој гостин при доаѓањето во соба треба да затече свежо цвеќе или некаков подарок за добредојде. Во собите треба да има сеф и брз интернет, а треба да постои и сервис за пеглање.

Овој наш хотел и ресорт од почетокот на приказната е со 5 ѕвездички од типот luxury и се наоѓа во Шутка познат под името КПУ Затвор Скопје. Притворениците го викаат и 4 сезони, но ајде да одиме по ред.

КПУ – КОГА ПОЛИТИКАТА УПРАВУВА

КПУ Затвор Скопје (за неупатените КПУ е кратенка од Кога Политиката Управува), е место кое на луѓето им служи за сместување , а основната цел е долгорочно задоволување на општествените потреби за  сместување, исхрана и пијалаци со примена на посебни техники на угостителско-хотелското сместување.

Рецепцијата на овој хотел и ресорт е отворена 24 часа дневно, а на сите гости  им е на располагање вратар, и тоа во униформа. За разлика од другите хотели и ресорти, check in или пријавувањето и сместувањето во собата е достапно 24 часа и се објавува брзо, најчесто ноќе, но одјавувањето или check out оди бавно и доста комплицирано, што би се рекло лесно се влегува, тешко се излегува.

Нема лице задолжено за паркирање возила, но има сопствена служба за превоз на гостите, кои ги презема од секое место во Македонија. Постои лице за носење на багажот до соба и тоа е во униформа. Предворјето е пространо, со простор за седење и бар, кој се наоѓа веднаш лево во влезот на зградата.

Секој гостин при доаѓањето во соба добива некаков подарок за добредојде, најчесто ваучер за престој од најмалку 30 дена, кој се продолжува уште многупати. Добива и изненадување по доаѓањето во собата во форма на рој лебарки и простор помал од два квадратни метри по гостин.

СЕФ СО РЕШЕТКИ

Во собите има сеф, и тоа со решетки, ама се наоѓа од другата страна на прозорците на надворешниот ѕид, каде што во кеси се чуваат највредните работи. Креветите и душеците се проверени и користени со генерации, а и секоја соба има свој тоалет, кој се состои од веце-шолја со чешма пола метар над шолјата, додека спа-центарот и тушевите се заеднички и сместени подалеку од собите, а се користат еднаш неделно поради пребукираност на хотелот и ресортот. Постојат и полуксузни соби, кои имаат поглед на бавчата, а другите се означени како хашко одделение.

Предрезервација или рана резервација се врши со искажување мислење различно од она на власта и нивните ботови, критика или критички став или со несогласување со постапките и работењето на власта. Конечна резервација на собите се врши на два начина, и тоа преку основното јавно обвинителство, или преку обвинителството за организиран криминал ако се работи за престој на организирана група.

Ваучерот го издава судот во една брза и неконтрадикторна постапка по воведен долгогодишен терк и најчесто гласи на 30 дена. Овој ваучер секогаш се продолжува уште неколкупати што овој хотел и ресорт го прави долготраен сместувачки капацитет или капацитет 4 seasons- четири сезони.

Токму затоа, овој хотел и ресорт неофицијално го носи тоа име затоа што гостите престојуваат таму најчесто четири сезони, а некои и неколкупати по четири сезони. Неслучајно, за должината на престојот и терковските ваучери постојано реагираше Советот на Европа и Европската комисија, но управата и букингот се истрајни и доследни да го оправдаат името 4 сезони.

ВО ПРИТВОР И ПО ТРИ ГОДИНИ

Знам многу луѓе што таму престојувале и по три години, а на крај биле ослободени со пресуда, но никој не бил повикан на одговорност поради ваквото расипничко и несериозно работење. Одјавувањето или check out од овој ресорт е само со милоста на одговорните за рана резервација и конечна резервација, а одговорниот за издавање на ваучерите веднаш издава решение за прекин на сместувањето и одјавувањето од ресортот.

Постои цел еден закон како правило за сместување во овој ресорт или замена за престој во овој ресорт и се вика куќен притвор, гаранција, одземање патна исправа, забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, задолжително јавување во суд и уште десетина други алатки, но на одговорните за сместување им е најдрага оваа со ваучерот за најмалку 4 сезони.

Знам луѓе кои за check out даваа и повеќе од 10 милиони евра гаранција, но одговорните немаат ниту слух, ниту разум да го прифатат тоа. Постоела опасност од бегство ќе речат, а нормален само ќе им се насмее и ќе рече, па нека бега. Ем, државата ќе му ги земе парите и имотот оставени како гаранција, ем со потерница ќе го најде и доведе назад и смести во ресортот, ем ќе се посрамоти ко побегуља, но кој на ова да мисли кога со години и не го употребиле алатот потребен за формирање самостојна мисла, туку чекаат да им се каже што да прават за да постапат.

Единствен пример каде што затвор станал луксузен хотел Four Seasons е Sultanahmet во Истанбул сместен во квартот Fatih.

Одговорните, кои се крајно неодговорни и без одговорност треба да почнат да го применуваат законот доследно и децидно, да прекинат мерката притвор да ја определуваат секогаш и од ракав без докази и да прекинат мерката да ја користат како казна. Вакво нешто е возможно само и само ако секој судија биде повикан на одговорност за кршење на законот и ако постои тело што ќе го спроведе тоа, бидејќи постојниот орган не е кадарен да го стори тоа.

Поврзани новости