Македонија падна на 118-то место по слобода на медиуми

by fokus

Македонија се најде на 118 место од вкупно 180 земји рангирани според индексот на слобода на медиуми.

На новата листа на „Репортери без граници”, Македонија има пад од едно место во споредба со лани, па според медиумските слободи пред нас се најдоа држави како Нигерија, Конго и Замбија и Катар.

-Клеветата беше тргната од кривичниот закон во 2012, но тужбите се заменети со граѓански парници со можност за високи парични и затворски казни за новинарите и сопствениците на медиумите. Најмалку 580 парници за клевета се покренати од крајот на 2014, многу од нив против новинари. Како резултат на тоа, повеќе од половината новинари во Македонија велат дека се самоцензурираат, според анкетата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници- се вели во образложението за Македонија на Репортери без граници.

Македонија за 7 години има пад од 84 места на оваа ранг листа. Во 2009 година, според овој индекс, се наоѓа на историски највисокото 34-то место, а оттогаш секоја година забележуван е драстичен пад. Најлоша позиција според овој индекс имаше пред две години кога се најде на 123-тото место.

Инаку, на врвот на листата оваа година според медиумски слободи се најдоа Финска, Холандија и Норвешка.

Поврзани новости