Македонија напредуваше 11 места на Глобалниот индекс за мир

by Fokus

Глобалниот мир се влошува деветта година по ред, овој пат за 0,07 отсто. Ова, сепак, е второто најмало влошување забележано откако постои Глобалниот индекс за мир (ГИМ).

Исланд останува најмирната земја во светот, позиција што ја држи од 2008 година, а потоа следуваат Нов Зеланд и Данска, а Авганистан е најмалку мирна земја во светот, оставајќи ги зад себе Јемен и Сирија.

Македонија ја подобри својата позиција за 11 места и се најде на 40. место. Во регионот од нас подобро се рангирани Словенија на 5. место, Хрватска е 17. и Бугарија на 27. место, а зад нас се наоѓаат Србија, која е на 44. позиција, Албанија 48. место, Грција е 66. и Турција е на дното на листата на 149. место.

Во годинешниот извештај осум од десетте најмирни земји во светот се во Европа, што го прави континентот најмирен регион во светот. Ова е најголем број европски земји да се најдат во првите десет од создавањето на ГИМ.

Глобалниот индекс за мир ги оценува земјите во три аспекти: социјална сигурност, тековни домашни и меѓународни конфликти и ниво на милитаризација.

Тимот на индексот забележа дека оваа година безбедноста повторно се влошила и, иако процентот изгледа низок, влошувањето е значајно.

Појавата на глобална пандемија имаше значително влијание врз насилството. Иако ситуацијата со насилни конфликти е подобрена, бројот на насилни демонстрации значително се зголеми, со повеќе од 5 000 насилни инциденти поврзани со ковид-19 во текот на минатата година.

Инциденти на насилство поврзани со пандемија се случија во 158 земји низ целиот свет. Ова зголемување на насилните инциденти поврзани со ковид-19 предизвикани од демонстрации и немири беше поттикнато од различни промени: ограничувања наметнати од ковид-19, антивладини чувства, блокади, зголемена невработеност и недостиг на економска поддршка.

Поврзани новости