Македонија ќе биде домаќин на вториот „Светски конгрес на претприемачи”

by fokus

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, вчера во име на Владата на Република Македонија во Загреб со Меѓународниот економски форум „Перспективи” од Дубровник, Република Хрватска, потпиша „Протокол за партнерство и соработка”, со кој се прифаќа иницијативата Република Македонија да биде земја домаќин на вториот „Светски конгрес на претприемачи” во 2019 година.

Како што соопштуваат од кабинетот на министерката, со прифаќањето на оваа инцијатива се очекува надградба на деловниот имиџ на Македонија, како земја која е посветена на економскиот развој и унапредувањето на претприемачките слободи.

На овогодишниот прв „Светски конгрес на претрпемачи“, што се оддржува од 4 до 7 декември во Загреб, партиципираат над 600 учесници, сопственици на компании, претприемачи, менаџери, политичари, претставници на академската средина од десетина земји од југоисточна и средна Европа.

Министерката Апостолска на потпишувањето истакна дека регионалните иницијативи на бизнисот, што се фокусирани на развивањето и промоцијата на претприемачката култура, секогаш внесуваат позитивен импут во економскиот амбиент на државата.

„Со изразената волја на Владата на Република Македонија да го поддржи одржувањето на следниот Светски конгрес на претприемачи непосредно се вклучуваме во воспоставувањето на партнерски односи и соработка меѓу бизнис заедниците од регионот на Централна и Источна Европа, затоа што сме уверени дека развивањето и унапредувањето на економската соработка е важна за развојот на секоја земја“, рече Апостолска.

Претседателот на Управниот одбор на Меѓународниот економски форум „Перспективи“, Винко Ќуро изрази благодарност до Владата на Република Македонија за прифатената инцијатива и притоа истакна дека на овој начин ќе се овозможи и одличен регионален канал за промовирање на стопанството и претпремиништвото, како и на можностите за инвестирање во Македонија.

Поврзани новости