Македонија избира пратеници: право на глас имаат 1. 784. 416 граѓани

by fokus

Деветти парламентарни избори, четврти предвремени – Македонија денеска избира пратеници. Вкупно 1. 784. 416 граѓани се запишани во Избирачкиот список со уставно загарантирано право да гласаат за свој претставник во законодавниот дом.

Во земјава ќе гласаат 1.531.368 граѓани. Изборите ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во шест изборни единици во земјава и во 46 во седмата изборна единица што ја опфаќа дијаспората.

На посебниот Избирачки список се запишани 230.122 лица кои согласно евиденцијата на надлежен орган се смета дека се на привремена работа во странство. Тие ќе можат да гласаат во земјата со лична карта или патна исправа.

На изборите учествуваат 11 политички субјекти: шест политички партии и пет коалиции со 58 листи на кандидати.

На овие избори новина е тоа што изводите од Избирачкиот список кои ќе бидат доставени до гласачките места ќе содржат лични фотографии од гласачите. Важечко ливче ќе се смета единствено тоа на кое е заокружен редниот број, носителот на листата или симболот на коалицијата или партијата.

„Важечко ќе биде само гласачко ливче кое ќе биде обележано само со заокружување на редниот број пред подносителот на листа, заокружување на симболот на подносителот на листа, или пак на целиот назив на подносителот на листа. Останатите начини на одбележување со потцртување, икс, штиклирање, останати форми, допишување нешто на страна на гласачкото ливче, ќе го направат самото ливче неважечко“, вели ДИК.

Последните предвремени парламентарни избори се оддржаа на 27 април 2014-та година, во исто време со вториот круг од претседателските избори.

Поврзани новости