Македонија и Грција постигнаа разумен компромис да продолжат да се мајтапат со Нимиц

by lali

Македонија и Грција по 5.348 пат ќе ги интензивираат разговорите за името. Ова е разумниот компромис што го договорија грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос и македонскиот државен врв. Тоа значи дека двете земји ќе продолжат да се зезаат со остатокот од светот и со адвокатот Метју Нимиц без да ги почитуваат неговите години и ќе го рашетаваат на релација Њујорк-Атина-Скопје испуштајќи наизменично лажни сигнали на оптимизам и конструктивност.

“Двете страни се согласија дека досега многу успешно ги замајаваме ЕУ, НАТО, ОН и ДУИ. Постои општ конзензус дека треба истото да продолжи, односно да се интензивира. Венизелос беше особено воодушевен од улогата што на двете страни успешно ја играат таканаречените тврди струи. Тој посочи дека Тодор Петров, Мирка Велиновска и Ристо Никовски се особено важни за решавањето никогаш да не финишира, но се заблагодари што застојот не е пречка за министри, градоначалници и уредници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ редовно ги посетуваат грчките плажи. Посочи дека Али Ахмети е добредојден во Атина секогаш кога треба да се одглуми дека нешто се случува”, се вели во соопштението на владата.

Меѓу две сериозни средби, Венизелос најде време да се сретне и со Ѓорге Иванов. На средбата тој доби благослов од Иванов за успешно претседавање со ЕУ, по што, прифаќајќи ја шегата, изјави дека не ни планирале да претседаваат без амин од шефот на македонската држава.

Поврзани новости