Македонија доби „Книжарница на тркала“ – новитет во книжевниот свет на „Антолог“

by Fokus

„Книжарница на тркала“ е новиот проект на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, кој ќе има една и единствена цел – да им ги доближи книгите на љубителите на пишаниот збор.

Станува збор за мини-книжарница сместена во специјално комбе, кое ќе патува низ градовите од Македонија, нудејќи го насловите на „Антолог“ на нашите граѓани.

Тие за првпат официјално почнаа со „движење“ изминатиот викенд, кога беа позиционирани во Градскиот парк во Скопје, а деновиве ќе продолжат со активности низ градовите во нашата земја.

„Идејата е книгите да бидат подостапни за луѓето каде и да се наоѓаат. За Скопје тоа не е толку проблем, туку за тие од другите градови. Планираме да смениме што повеќе локации и да бидеме на оние места каде има се помалку книжарници. Во ова време кога луѓето не сакаат многу да патуваат, ние им ги носиме книгите во нивниот град“, ни изјави Кристина Велевска, уредник во „Антолог“.

Оваа патувачка книжарница денеска се наоѓа во Куманово и сите сончеви денови кои доаѓаат ќе ги искористи за посета на што повеќе места, со цел да им го олесни купувањето на книгите на читателите.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости