Мајката на убиениот Александар: На нашите мртви деца им течеа солзи додека да ги погребаме, извршителите да се плашат од тие солзи

by fokus

Иако денешното рочиште за Монструм ќе се одложи бидејќи во судот не се појави обвинетиот Фејзи Азири, збор во судницата побараа мајката и таткото на убиениот Александар Наќевски.

Мајката на Александар, Зорица Наќевска побара од судот и од обвинителството да ја утврдат вистината.

– Судот и обвинителството да ги утврдат улогите на обвинетите, дали се извршители или помагачи. Бараме и да се декодираат броевите кои во пресудата се заведени како државна тајна, а се на функционери од ДУИ, рече Наќевска.

Таа побара и да се октријат нн сторителите кои биле посочени од заштитениот сведок но не биле вклучени во истрагата бидејќи биле недостапни за органите на прогонот.

Мајката на Александар прочита и транскрипт од разговор кој наводно се водел помеѓу обвинетиот Азири и едно од непознатите лица:

„Вечерва сонував еден многу лош сон како му ги врзав рацете на момчето, па плачев, па сега си велам да не се израдувам да не не го довршив тој никаквец“.

Таа од судот си го побара и мобилниот телефон на својот син кој за нив како што рече, бил многу вреден.

– Децата ни ги убија во четврток вечерта, во петок ни ги донесоа, а нивните очи беа отворени. Се до саботата, додека да ги погребаме им течеа солзи. Сите тие што го извршија грозоморниот чин да се плашат од тие солзи, заврши Зорица Наќевска.

В.В.

Поврзани новости