Мајката на Тамара: Теона остана без сестра, сега ќе расте и без татко кој работи во странство, државата не остави без работа

by Fokus

Поминаа две години од смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес, која имаше искривување на рбетот и почина чекајќи одобрение од Фондот за здравство за лекување во странство. Иако, техничкиот министер за здравство Никола Тодоров вети дека 30.000 евра ќе бидат дадени за операција во Турција, сепак малата Тамара не доживеа да замине на лекување.

Нејзиното семејство помина трнлив пат по здравствените ходници, а нивната голгота продолжи и по смртта на малото девојче. Нејзината мајка за „Фокус“ објаснува дека уште пред да почине Тамара, таа и нејзиниот сопруг останале без работа затоа што јавно обелодениле за проблемот со кој се соочува нивното дете и побарале помош од хуманите луѓе.

– Досега никој не се сетил на нас, да не праша како живееме и како се снаоѓаме. Уште пред смртта на Тамара останавме без работа затоа што јавно проговоривме за нашиот проблем. Поради тоа мојот сопруг беше приморан да замине на работа надвор од Македонија, а јас и Теона останавме сами со надеж дека јас ќе најдам работа, но во сите фабрики во Велес ме одбија. Најболно во целата ситуација е тоа што Теона сега остана без сестра, а ќе расте и без татко – тврди за „Фокус“, Жаклина Димовска, мајката на Тамара.

Таа додава дека и Теона, сестрата на Тамара е родена со срцева мана и дека два месеци после смртта на Тамара имала интервенција во приватната болница „Филип Втори“.

– Сега нејзината состојба е добра, одиме редовно на контроли и прегледи. Едно знам ние сме прогласени за непријатели во сопствената држава и секојдневно се прашувам до кога државата ќе ги враќа своите луѓе од неа? Жалосно е колку семејства има вака разделени како нас – додава Димовска.

Битката на деветгодишната Тамара со надлежните институции траеше цели три месеци, при што Тодоров изјави дека операцијата ќе биде на сметка на државата.

Здравствената голгота на малото девојче продолжи и по најавата дека операцијата која чини 30.000 евра ќе ја плати државата. Нејзината мајка, неколку пати во тој период реагираше дека се заглавени во правна процедура, а дел од лекарите од кои се чекаше конзилијарно мислење на почетокот тврдеа дека 9-годишното девојче не е итно за операција. Под притисок на јавноста, на почетокот на декември пред две години стигна маил од Фондот за здравство во кој пишуваше:

– Комисиите за лекување во странство при ФЗОМ донесоа позитивно решение и осигуреното лице Т.Д. ќе биде испратено на лекување во реномирана болница во Турција – пишуваше во официјалното соопштение испратено на 12 декември.

И, покрај секојдневните апели од нејзината мајка во тој период дека здравствената состојба на девојчето се влошува, надлежните институции не ја испратија Тамара на операција. Таа почина во Велешката болница.

Атмосферата на социјалните мрежи вриеше, откако граѓаните дознаа за смртта на девојчето. Тие не можеа да сфатат како надлежните институции си поиграле со еден детски живот. Револтираните граѓани, целата вина ја префрлаа на првиот човек во здравството Тодоров и на Фондот за здравство.

За смртта на малата Тамара единствено одговорност понесоа двајцата директори на Фондот за здравство Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази, кои експресно си поднесоа оставки. Само Тодоров не почувствува никаква морална одговорност и понатаму продолжи да ја извршува својата функција. За случајот се покренати постапки против девет лекари.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости