Мајката на Пино продолжува со протестите, го повикува министерот Спасовски утре да се обрати пред присутните

by fokus

Мајката на исчезнатото момче Пино Секондо, Маја Трпковска, утре повторно ќе излезе на мирен протест на кој ќе ги бара одговорите од МВР и од Сектор за исчезнати, каде е нејзиното дете и до каде е стигната потрагата по него.

Протестот ќе започне во 17 часот пред Собрание, а на Трпковска ќе и се придружи и Бекир, таткото на Арбен Аслан, кој исто така е исчезнат повеќе од два месеци. Од Пино (26) пак, нема трага ниту глас уште од 10-ти декември 2018 година, кога излегол со својот автомобил и не се вратил дома.

Блиските го опишуваат како одговорна личност која никогаш не би заминала без да се јави. Очајната мајка вели дека не се откажува од својата битка за пронаоѓање на своето дете и во повеќе наврати јавно апелираше до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да се појави на протестите и да и даде одговори.

Исто така, таа бара и сериозен пристап од страна на институциите и обвини за неажурност. Веста за исчезнувањето на Пино, но и тоа што по речиси четири месеци нема ниту трага ниту глас од него се објави и во повеќе регионални медиуми. И во Италија медиумите објавија опширна сторија за исчезнувањето на Секондо, кој покрај македонско, има и италијанско државјанство.

-Нема трага од моето дете, од автомобилот, од неговите два мобилни телефони… Барам одговори од МВР, да не си играат со нашата болка, кој е вмешан во исчезнувањето на Пино? Го повикувам министерот Спасовски да дојде на протестот и пред народот да каже до каде е со истрагата, нема што да се крие од јавноста – апелира мајката, која најави дека секоја сабота ќе излегува на мирен протест, се додека не ги добие одговорите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости