Мајката на Пино: Обвинетата има повеќе права во судница од мене!

by fokus

Бурно и револтирано, со ироничен аплауз, реагираше Маја Трпковска, мајката на убиениот Пино Секондо на барањето на адвокатот на обвинетата да се одложи првото рочиште за убиството на Пино. Кога судот донесе одлука да го одложи рочиштето мајката на Пино ја напушти судницата.

-Повеќе права има обвинетата во суд, отколку јас која најдов четири коски од моето дете. Додека јас плачев по улици таа си јадеше лепче. Таа треба на плоштад да се суди. Јас дојдов со голема верба тука, но сега веќе кревам раце. Таа веќе призна. Моето дете е убиено, јас ги собирам куферите и си одам, рече Трпковска по рочиштето.

Таа денеска влезе во иста судница со обвинетата Ангела Ѓорѓиевска која се товари дека помогнало во убиството, а внатре беше и нејзината мајка.

Адвокатот Еленко Миланов приговараше дека поканата ја примил пред четири дена, а законот предвидувал рочиштето да се закаже осум дена по приемот на поканата. Тој побара да и ги достави списите во предметот на обвинетата во затвор.

Обвинителката Лидија Раичевиќ иако се повика на процесниот морал и рече дека треба да се земе предвид кога е почната истрагата и кога е поднесено обвинението, сепак судот го одложи рочиштето повикувајќи се на законска одредба. Мајката на Пино влезе во суд со свештеник за рака. 

Пино Секондо беше пријавен за исчезнат лани во декември, а на 29 април годинава беше пронајдено и неговото тело , во атарот на селото Љуботен.

Обвинет за убиството е Али Фуркан кој е во бегство. Според информациите на МВР, Фуркан избегал по убиството се вратил во Македонија, 10 мај, а на 27 мај му се губи секаква трага.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости