Мајката на Пино: Ја погребав ќерка ми пред 11 години, но чувствувам дека син ми е жив, помогнете да го најдеме!

by fokus

Мајката на Пино Секондо (26), Маја Трпковска речиси четири месеци очајно трага по своето дете и бара ажурност и одговори од МВР.

Откако во декември минатата година Пино исчезна без трага, таа редовно апелира до надлежните служби да ја сфатат сериозно, а веќе неколку седмици наназад, секоја сабота излегува на мирен протест пред Собрание во Скопје, барајќи одговори. За најавениот протест во сабота, на 30-ти март, револтирано раскажува дека поставила плакати, но истите биле отстранети од непознати лица.

-Плакатите со ликот на Пино на кои отворено поставувам прашања до МВР и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, некој ги отстранил во текот на ноќта. Кој тоа сака да сокрие нешто? Кому му смета мојата потрага по детето и очекувањата од надлежните служби тоа да биде пронајдено? На местата каде беа поставени плакатите има десетици камери. Барам снимките јавно да бидат прикажани, да видам јас, но и целата јавност кој ги отстранил и зошто. Не зборуваме тука за научна фантастика, за нешто кое не е изводливо. Ја барам вистината. Кој се крие зад целата работа и зошто речиси четири месеци се молчи? – прашува Трпковска.

Вели дека за целото време, откако Пино е исчезнат, таа нема мир. Но, посебно е револтирана од тоа како надлежните ја водат истрагата и нивниот однос кон неа.

-Пред 11 години ми се роди мојата трета среќа, ќерката Марија. Јас, сопругот, Пино, неговиот помал брат, сите бевме пресреќни. Но, само по 15 дена, поради здравствени проблеми го изгубив моето девојче. Знам како е да се погреба дете, никому не посакувам такво нешто. И знам, длабоко во себе чувствувам дека Пино е жив, дека чека да биде пронајден. Нека не си играат со мојата болка, нека се посветат на случајот како што треба, времето одминува. Поради тоа што Пино има македонско, но и италијанско државјанство, случајот го пријавив и во тамошната полиција. Официјално, во Италија, се води како киднапирање. И верувам во тоа, верувам дека се вмешани големи играчи, па поради тоа се кријат фактите и вистината – раскажува мајката.

Прашува како се уште не е пронајден автомобилот на Пино, неговите два мобилни телефони. Бара министерот Спасовски јавно да и се обрати за време на протестот, бидејќи приватно, зад затворени врати не сакала да се сретне со него.

-Нема што да се сретнувам со министерот приватно. Пред сите, пред целата јавност нека излезе и нека ги каже деталите за случајот, со какви сознанија располагаат, до каде е истрагата, ова е случај од јавен интерес, не може децата да ни исчезнуваат и животот да продолжува како ништо да не се случило. Во очај сум, никому не посакувам да биде во моја кожа, но имам сили да одам до крај. Верувам дека детето ми е живо, чека да биде спасено, и само мислата дека еден ден ќе го прегрнам, дека ќе славиме родендени, крштевки, свадба, само тоа ме одржува во живот – изјави Трпковска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости