Мајката на исчезнатиот Илија од Демир Капија: Не знам каде да барам помош, 13 дена нема ниту трага, ниту глас од мојот син

by Fokus

Веќе тринаесет дена нема никаква трага од Илија Лазаревиќ, 30-годишно момче од Демир Капија, кое на втори април годинава, околу 15.45 часот излегло од дома, наводно да се прошета, и повеќе не се вратило.

Неговото исчезнување во полиција го пријавила мајката Снежана, која се загрижила уште истиот ден, откако Илија не и одговорал на телефонските повици и пораки. Веќе наредниот ден, во саботата, на трети април, навечер, неговиот телефон се исклучил и од тогаш е недостапен.

-Нема никаков глас од моето дете цели 13 дена! Ниту на некој другар се јавил, ниту на роднини, нема ништо! Полицијата вели дека го бара, според моите сознанија мобилниот телефон се уште не е лоциран. Оваа агонија веќе предолго трае, при крај сум со силата – во телефонски разговор за „Фокус” раскажува Снежана.

Вели дека и се јавила школска другарка на Илија која и ги пратила пораките кои со него ги разменувала на телефон, во времето пред тој да исчезне. Според преписката од разговорот, Снежана појаснува дека Илија и другарката разговарале околу тоа како тој живее, што работи и слично. Но, еден детал од разговорот и дал надеж дека можеби ќе може да му се влезе во траг.

-Во еден момент син ми и кажува на другарката дека чека одговор од девојка. Веднаш мислите ми отидоа кај негова поранешна девојка од Бутел, со која беше во врска од 2012 година. Се работи за девојка чија мајка е Ромка, а татко Македонец, таа по вероисповед беше протестантка. Поради ненадминливи разлики, општо, поради различниот начин на живот, обичаи и сфаќања, тие ја прекинаа врската. Имам претчувство дека можеби тој сега е кај неа, им ги дадов сите податоци кои ги имам за неа на инспекторите, им ја покажав преписката од разговорот. Јас девојката никогаш не ја сретнав, ја видов само на слика и сум разговарала со неа телефонски уште во 2012 година, имам надеж дека можеби моето дете е кај неа – раскажува мајката.

Додава дека се наоѓа во една безизлезна ситуација, кога не и преостанува ништо друго, освен да чека и да се надева. Од очај и желба да дознае каде е син и, дури и отишла кај видовита жена.

-Маката ќе го натера човек на се. Бев кај жена која е видовита, таа ми кажа дека син ми е жив, дека не ја напуштил земјата. Ми рече да не губам надеж, дека тој ќе се врати дома. И верувам на зборовите. Морам да останам силна и да имам позитивни мисли, оти веќе две тешки недели поминаа. Сепак, тоа што Илија немал никаков контакт со никој, ниту со пријател, ниту со било кого што го знам за сето ова време, не ми дава мир-вели Лазаревиќ.

Апелира до надлежните служби да ја забрзаат истрагата, бидејќи не е така едноставно 30-годишен човек да замине во непознат правец, а да не остави било каква трага, едноставно да го снема.

-И до премиерот Зоран Заев, и до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски апелирам, да помогнат, да се најде моето дете. Не знам зошто телефонот се уште не му е лоциран, тоа би било од голема помош. Како очаен родител ги замолувам, направете што е во ваша можност да ми се најде детето – изјави Лазаревиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости