Мајка од Скопје ја држела заклучена 16-годишната ќерка и не се грижела за неа, однесена е во „Бардовци“

by fokus

Мајка од Скопје е приведена, а потоа однесена во психијатриската установа „Бардовци“ откако полицијата заедно со претставници од „Меѓаши“ и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа констатирале дека жената ја заклучувала дома својата 16-годишна ќерка и не се грижела за неа.

– На 15.01.2021 полициски службеници од Единицата за внатрешни работи Карпош, по претходно добиени сознанија и со наредба од истражен судија, а во присуство на претставници од Првата детска амбасада „Меѓаши“ и од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје, влегле во домот на Н.К. на подрачјето на Карпош, каде што биле затекнати Н.К. (44) и нејзината 16-годишна ќерка. Притоа било констатирано дека малолетничката била подолго време заклучувана во домот и не добивала соодветна нега од родителот, информираат од МВР.

На малолетничката веднаш ѝ е пружена соодветна помош и е сместена во здравствена установа, каде што е згрижена, а по службена должност ќе ѝ биде определен старател. Мајката била приведена, а вчера била пренесена во психијатриска установа „Бардовци“, каде е задржана до понатамошна постапка.

Од МВР посочуваат дека сите преземени мерки се извршени со судска наредба, а за настанот е известен надлежен Јавен обвинител. Против мајката првично ќе биде поднесена кривична пријава по чл.140 став 5 и по чл.201 од Кривичниот законик, а се преземаат и дополнителни мерки и активности.

Поврзани новости