Мајка ми не доживеа да ме види во венчаница, но се надевам дека ја направив горда – се омажи Малиша, единствената ќерка на Есма

by Fokus

Единственото девојче помеѓу 47-те момчиња кое го одгледа кралицата на Ромаската песна Есма Реџепова Теодосиевска, Малиша, заплови во брачните води. Пред две недели таа направи голема свадба во хотелот ,,Белви” на која присуствувале речиси сите браќа, односно момчиња кои беа под закрила на Есма, а наскоро ќе се пресели во Брисел, каде што нејзиниот сопруг живее и работи со години наназад.

Сепак, и покрај тоа што свадбата поминала во весела атмосфера со сите блиски и драги луѓе на Малиша, таа вели дека за целото време го чувствувала отсуството на нејзината мајка Есма, која што почина по кратко боледување во декември 2016 година.

Мајка ми ми недостига постојано, на секој чекор на мојот пат. Кога сум тажна да ме утеши, кога еве, ми се случуваат убави работи, да ја поделам со неа мојата радост. Оние невести чии мајки не доживеале да ги видат во венчаница знаат точно за што зборувам и можат да претпостават како ми беше за време на свадбата. Имаме еден стар адет, кога мајката на невестата е почината, пред свадба се оди на гробишта, па и јас заминав на вечното почивалиште на мојата мајка, да ја поканам да биде духовно со мене присутна на тој важен ден. Среќна и тажна истовремено, така се чувствував, но исто така го имав и она чувство дека таа е покрај мене, дека е горда на мене и на се што правам во животот – раскажува Малиша.

Вели дека Есма не го запознала нејзиниот сопруг, но верува дека би се согласила со нејзиниот избор и би го одобрила.

-Мојот сопруг е роден во Белгија, сега работи во Брисел во организација за човечки ресурси. И јас ќе живеам таму, се трудам да си ја чувам приватноста подалеку од јавноста, но истовремено продолжувам и со мојата соло кариера. Вчера беше промовирана мојата втора песна ,,Amorcito”. Се работи за модерна и весела нумера во латино ритам, која ја изведувам на српски јазик – појаснува Малиша, која со години наназад настапуваше заедно со бендот на Есма, предводен од Симеон Атанасов, кој е едно од момчињата кои Реџепова ги одгледа. Тој беше менаџер на Есма до крајот на нејзиниот живот, а сега продолжува како менаџер на Малиша, која ја промовираше првата авторска песна ,,Теби се предајем” во јуни годинава.

Тогаш го промени и своето име Елеонора во Малиша, а за ,,Фокус” изјави дека тоа го сторила во чест на нејзината внука од брат, Мали, која живее во Америка и се немале видено цели седум години.

Периодов ми е исполнет со работни обврски, снимам нови материјали, имам настапи низ регионот. Мојата мајка Есма ми го трасираше патот и се трудам да ја оправдам нејзината доверба и љубов кон мене. Пред било која важна одлука се прашувам како таа би реагирала, дали би се согласила со мене, би ме поддржала ли… Драго ми е што покрај мене го имам мојот брат Симеон, кој се грижи за мене и мојата кариера исто како што тоа го правеше и за нашата мајка до крајот на нејзиниот живот. Иако таа не е со нас веќе три години, сепак нејзиното присуство како да лебди помеѓу нас, и веруваме дека е горда на нас – раскажува Малиша.

Покрај промоцијата на новата песна, таа деновиве е актуелна во медиумите во регионот, кои најавија дека најверојатно ќе биде дел од големото балканско реално шоу ,,Задруга” во третата сезона. За овие тврдења ќерката на Есма вели дека се уште не би сакала да открива детали, но според неа, денес дошле времиња кога учествата во реални шоу програми носат голема популарност и се едни од најгледаните во земјите на поранешна Југославија.

Поврзани новости