Маја за аутизмот на внучето: Тешко е, но не треба да се крие

by fokus 16:22
16:22

 

Маја Оџаклиевска, еден од најдобрите женски вокали на просторите на поранешна Југославија, реши јавно да прозбори за болеста на својот внук Лука (7) и со тоа да ја подигине свеста за аутизмот, но и да ги охрабри остантите родители на деца со аутизам да излезат од сенка и да не се срамат и плашат отворено да зборот за проблемот. Вели дека само со истапување јавно, може да се сврти вниманието, но и да се добијат совети и конкретна помош од луѓе со слично искуство, или пак од професионалци. Таа веќе се појавила во ТВ емисија во Србија и раскажала за Лука, по што започнале да и пристигаат пораки со поддршка за искреноста и смелоста.

„Лука, моето внуче од постарата ќерка Теа е мојата најголема љубов и среќа во животот. Се до неговата втора година се беше во ред. Потоа, само месец дена откако прими ММР вакцина, започна нашето болно патување. Започнаа првите манифестирања на аутизмот, тој се затвори во себе, се изолираше од се, се повлече во свој свет и престана да реагира. Се случуваше да му викам, но тој не приметуваше ништо, живееше во својот свет, тажен, нефокусиран на ништо околу себе. Прва ги забележав овие знаци, и поразговарав со ќерка ми. За сите нас тоа беше нешто многу болно, разорно…

Затоа решив јавно да зборам за проблемот со кој што се соочуваат многу родители, а некако се молчи за него. Знам дека има голем број на деца со аутизам и во Македонија, не само во Србија, и на сите им е потребна помош. За да се добие помош, не треба криење, туку јавно истапување и барање на разни алтернативи. Затоа деновиве се решив да зборам за мојот Лука и во една ТВ емисија која што се прикажува во Србија, и добив голема поддршка и одобрување на овој мој чекор од пошироката јавност. Луѓе се јавуваат, прашуваат, сакаат да добијат совет, да споделат искуство. На сите им велам да не се плашат, оти аутизмот не е ментална болест, туку мислам дека нешто кое е стекнато. Во нашиот случај добивме голема помош од биоенергетичар, и се забележува напредокот кај Лука“ – раскажува Маја за „Фокус“.

Таа додава дека извесен период Лука живеел со неа, и дека првите неколку месеци им биле навистина тешки. Потоа, со тек на време, тој сфатил дека Маја безусловно го сака, и на свој начин и ја возвратил својата искрена љубов.

„Во првите две години Лука изговараше неколку зборови, како и секое друго дете, мама, тата, баба… Сега веќе пет години не збори. Но затоа, тој пее. Самиот избира песна од компјутерот, јас почнувам да му пејам, а и тој со мене. Сака да си игра со автомобилчиња, со разни играчки, разбира се. Му го дадов моето срце, го прифатив каков што е, мил и прекрасен, но се трудам да се работи на неговиот напредок“ – вели поп дивата. Признава дека има тешки периоди, емоционални падови, но сепак за љубов на внучето се трудела да ги надмине своите грижи, и да му помогне на Лука колку што може повеќе.

Оџаклиевска живее во Белград уште од 1970 година. Често доаѓа во Македонија, а лани нејзината песна „Многу солзи“ беше прогласена за најголем хит на фестивалот „Еврофест“ во изминативе 20 години. Исто така, лани настапи како специјална гостинка на Охрид Фест и доби награда за животно дело.

Тогаш ни изјави дека при секоја посета во родната Македонија, си оди назад преполна со позитивни емоции, и со спомени за дружбите со нејзини драги пријатели и колеги, со кои што останала во контакт сите овие години.

Во земјава, бројот на деца со аутизам е значително зголемен во изминативе години. Голем број на родители се убедени дека нивните деца го добиле токму по примањето на вакцина, но лекарите најчесто тврдат дека таквите теории не се научно докажани. Во Македонија голем проблем е и тоа што има многу малку паралелки во градинките и училиштата за згрижување на овие деца.

Вики Клинчарова

Поврзани новости