Маја Павловска отворено до Зоран Заев: Приморани сме да живееме помеѓу четири ѕида!

by Fokus 13:56
13:56

Маја Павловска, познат текстописец и ликовен уметник, ќерка на легендарниот композитор Јован Павловски, автор на големиот музички хит ,,Бисер Балкански’’ упати отворено писмо до премиерот Зоран Заев.

Павловска, која е лице со посебни потреби, односно и е потребно соодветно помагало за да се движи, е позната како борец за правата на лицата со телесна попреченост, но и како граѓански активист кој секогаш јавно реагира по повод било кој вид на дискриминација. Ви го пренесуваме писмото во целост.

Г-не Зоран Заев и цела екипа покрај Вас! Вашето јавно обраќање до нацијата и Вашето барање да бидеме гласни за сите проблеми кои не мачат, ме охрабри вака лично и јавно да Ви се обратам после 27 годишна борба, поточно од 1991 година, борба со институции, кои се надлежни за решавање на проблемите на лицата со посебни потреби.

- Advertising -

Јас, после толку години (а верувам и многу луѓе со слични проблеми) веќе немам намера да тропам на ничија врата да ми се реши САМО МОЈОТ ЛИЧЕН ПРОБЛЕМ, туку јавно ќе ви дадам идеја како да ни го решите проблемот со пристапност за сите нас, кои сме приморани да живееме меѓу 4 ѕида, само затоа што никогаш не сме во фокусот на вниманието на ниедна власт до сега! Ова е мој последен пат да му се обратам било кому во врска со пречките со кои секојдневно се соочувам во Македонија.

Ќе се обидам да бидам кратка и овој пат ќе ви дадам само неколку ОСНОВНИ точки, без кои, се што евентуално би се преземало, не би функционирало ништо како што треба. Затоа што “куќата се гради од темели”:

1. Во Законот да стои децидно дека, до и од секој дом на секое инвалидизирано лице, МОРА соодветната институција да обезбеди/изгради соодветен пристап или влез и излез (рампа, лифт, столица-лифт итн.) во зависност од дијагнозата и инвалидското помагало.

2. На секое лице со посебни потреби да му се обезбеди такси возило, адаптирано со лифт или рампа, достапно во секое време од денот.

3. При изградба на планираната инфраструктура (патишта, тротоари, велосипедски патеки, влез и излез до јавни објекти, паркинг места), да се има на ум дека постојат и ваква група на луѓе, кои имаат посебни потреби за посебна пристапност, а кои нема да навлегувам во статистика, но знам дека не се малку.

4. Според Закон, секој што отвара било каков јавен објект, при изградбата, да МОРА да обезбеди пристапен влез и излез за лица со инвалидски помагала, како и движење внатре во објектот. Без исполнување на овие услови да нема право да го отвори објектот. Истите услови да важат и за веќе отворените државни или приватни јавни простори. Ви ги давам овие неколку предлози како човек со посебни потреби, но и со извонредно долго и лошо искуство од несвесноста на никој што до сега владеел со Македонија, а за да излеземе и НИЕ на улица , да се запознаеме и да живееме најнормално едни со други.

Знам дека со добра волја, која ја забележав во изминатите 100 дена владеење, како и со желба еднаш засекогаш да станеме социјална и модерна држава, заедно можеме да го спроведеме горе наведеното. Се чувствувам слободна и стојам на располагање за консултација за сите следни чекори кои треба да се спроведат понатаму, откако ќе се спроведат овие основни точки.

Со почит, Маја Павловска

Поврзани новости